Ѓорѓи Спасов: ,,Изборите се период и на меѓусебно оцрнување и клеветење на политичките опоненти секаде во светот и тоа тешко ќе го избегнеме и во Македонија.
Но сепак нешто може да се стори барам за подигнување на нивото на телевизиските дебати.
СДСМ кој има интерес од цивилизирана дебата со аргументи треба да им стави јасно до знаење на телевизиите дека за изборната одлука на граѓаните ќе бидат доволни само три дебати меѓу кандидатите за иден премиер на владата. Тие дебати треба да бидат тематски и организирани според моделот на американските претседателски избори.
Првата дебата треба да биде за надворешната политика и безбедност на земјата и ништо повеќе. Втората за резултатите и плановите во економијата. А третата за демократијата и човековите права и слободи.
Секој учесник во дебатата треба да има точно време за давање одговор на прашањата и точно време за реплика без право на упаѓање во збор и одземање на туѓото време.
Со авторитетни водители на дебатите ќе се подигне нивото на меѓусебната комуникација но и на јавните дебати.
Се друго е останување на нивото од рекла-казала со ниско ниво на оговарање, клеветење и приредување на евтина забава за народните маси желни за гладијаторски битки, кои со големо задоволство, кое им носи добра заработка, ќе им ја приредуваат телевизиите.
Дебати можат да се организираат и меѓу кандидати за идни министри за надворешна политика,за одбрана или за економија но и тие мора да бидат организирани според исти правила и принципи за да се задржи нивото, и секоја дебата да не се користи за се и сешто.
СДСМ не треба да дозволи да биде вовлечен во петпарачки дебати како што сакааат опозицијата па и медиумите.
Тој треба да го диктира културното ниво преку инсистирањето на дефинирањето тема и правила по кои ќе се води дебатата со цел граѓанте да имаат корист од неа. Во спротивно дебатите без ред и поредок не се потребни.”