Од септември секој граѓанин кој ќе сака да присуствува на концерти и слични масовни настани, најверојатно задолжително ќе мора да приложи сертификат за вакцинација против ковид-19.
Здравствените власти размислуваат за воведување на рестриктивни мерки за невакцинираните граѓани со што истите би се стимулирале да се имунизираат.
-Ние не можеме и никаде во светот вакцинацијата не е задолжителна.
Дозволете да констатирам- за жал и затоа мораме да размислуваме и за други алтернативни решенија.. на пример да се присуствува на настан со масовно присуство дали на отворено или на затворено, дали во кино или културни настани само со таков сертификат, вели во изјава за новинарите Министерот за здравство Венко Филипче.
Граѓаните се со поделени мислења. Дел не сакаат условувања, некои пак велат дека од вакви мерки нема потреба, а има и такви што ги оправдуваат поради тоа што се работи за општото здравје, пренесува Канал 5.
Во меѓувреме, иако делта сојот зема се поголем замав во Тетово, надлежните засега не размислуваат за некаков „лок даун“ на региони каде епидемиолошката крива „отскокнува“.
Откако вчера министерот за здравство Венко Филипче ја објави сликата од жената која се имунизира на тракторска приколка, таа предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.
Денес, тој одлучи по детално да објасни зошто неподвижната баба од околината на село Ратево се вакцинирала во тракторска приколка. Добро е јавноста да ја знае позадината на целата случка, смета Филипче.
Како што објасни тој, станува збор за брачен пар кој живее во планинските колиби, односно во место над село Ратево, Беровско. Местото е тешко пристапно, а лицата кои се вакцинираат на сликите воопшто не побарале асистенција или превоз од локалниот Здравствен дом во Берово.
Тие одлучиле самите да дојдат на вакцинација до пунктот и се појавиле на местото, вели министерот за здравство.
Тој подвлекува дека на пунктот имало санитетско возило со фрижидер за теренска вакцинација и лицата биле вакцинирани целосно безбедно, спротивно, како што вели, на тоа што сака да се прикаже во јавноста.
Филипче појасни и дека повозрасната жена од фотографијата не била во можност да се симне од тракторот, па затоа, за да не се малтретира, медицинската сестра се качила на приколката за да ѝ стави вакцина.
„Јас сметам дека тоа е гест за поздравување, а не за осуда“, заклучува Филипче.