Проф. Трајковски: Да не се залажуваме – летото треба да се искористи за да не се брзаме на есен

0

Професорот од Битола Дејан Трајковски, сега, кога состојбата со вирусот е смирена, дава своја анализа што би можело да се очекува следниот период:

„15.05.2021. Денеска истовремено во Битола и во цела Македонија 14-дневната инциденца опадна под 120 нови случаи на 100.000 жители (на првиот дијаграм). Со тоа преминуваме од четвртиот, највисок степен на ризик од ширење на епидемијата во третиот, висок степен на ризик.

Дури и ова изгледа малку претерано, бидејќи старите бројки од пред 10-14 дена ја поткреваат вредноста на овој индикатор.

Стапките на позитивни тестови се веке неколку дена едноцифрени, јасен знак дека преносителите на заразата се се помалку на број и се пооддалечени еден од друг, поради што опаѓа и преносливоста на заразата, мерен преку ефективниот репродукционен број Rt.

Последниот седумдневен просек за општина Битола изнесува Rt = 0,72 ± 0,36, додека на државно ниво неверојатно ниски Rt = 0,59 ± 0,25, многу блиску до границата (0,50) за низок степен на преносливост.

Ова е сосема спротивно од она што го имавме во околината на врвовите на епидемијата.

Тогаш во Битола 14 дневната инциденца изнесуваше 1.070 нови случаи на 100.000 жители (9 пати над границата на многу висок ризик!), стапки на позитивни тестови над 30%, сеопшта раширеност на случаите низ популацијата, блиску распоредени еден од друг, висока концентрација на вирусни аеросоли во затворените простории (да се потсетиме на луѓето без маски во затворените кафеани за време на самиот врв!), така што здравите коишто се затекнале на такви места едноставно имале минимани шанси да останат незаразени.

Сега е спротивна ситуацијата. Преносот е толку намален, така што изгледа дека не се работи само за голема стапка на прележаност, туку и за сезонски фактор, зголемен престој на отворено и споменатиот ефект на растојание меѓу заразените.

Со административно затворање на активните случаи врз основа на изминато време (за што зборувавме пред извесно време), просечното време од отворање до затворање сега е сведено на нормални 19 дена, па официјалниот број на активни случаи сега е во линија со реалниот број на активни случаи.

Се на се, со вакво темпо на намалување на бројот на случаи и намалената преносливост, верижното заразување повеќе не може да опстане, па изгледа дека дека до спорадичен број на дневни случаи ќе дојдеме малку порано од претходно прогнозираното, т.е. можеби веќе околу 7 јуни.

Намалениот број на случаи не треба да не залаже дека настапил колективен имунитет од прележување и да се откажеме од вакцинирање.

Летниот период треба да се искористи за најбрзо можно вакцинирање и развивање на вакцинален имунитет, за да не мора да брзаме на есен, па поради недоволно развиениот имунитет да се доведеме во ситуација слична како на Сејшелските Острови или во Бахреин.

Уште помалку треба да се најдеме во ситуација на Бразил или Перу, па во следната зима да влеземе неподготвени и да не снајде ново избувнување на епидемијата.“

Претходна статијаАтиџе покрај медот, ќе се занимава со нов бизнис (ФОТО)
Следна статијаТрифун Костовски: Тука сум во Скопје – немам намера да бегам или да се кријам!