СДСМ во недела ќе одржи конгрес, на кој за првпат членовите на партијата ќе избираат лидер. Демократски чекор, кој се очекува да го следат и останатите политички субјект.
Најсериозен и во моментов единствен кандидат за лидер е досегашниот претседател, Зоран Заев, кој веќе четири години ја предводи и Владата на РСМ, години во кои беа превземени крупн и според неговите поддржувачи храбри чекори.
Интересно е што поранешниот лидер на оваа партија, Бранко Црвенковски, својот последен статус на фан страната на социјалните мрежи, го има поставено токму после конгресот во 2013 година, на кој тој се повлече, а за негов наследник беше изгласан Зоран Заев. Еве што во таа прилика, на конгресот кажа Црвенковски:
„Најискрено со сето срце и со цела душа посакувам новиот СДСМ да биде успешен, да биде победнички, да биде нешто со што и јас и секој наш член ќе се гордее, рече довчерашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во својот говор пред делегатите на 14. конгрес на СДСМ, кој се одржа вчера во Скопје.
Тој го оцени своето обраќање како извештајно, проштално и аманетно. Прво се осврна на неговото повторно враќањето на чело на партијата кое го оцени не како грешка, туку како негова должност и обврска кон партијата, моја судбина од која нема бегање. Затоа што, како што рече, Социјалдемократскиот сојуз е не само моја, но сепак во најголема мера, повеќе отколку на било кој друг, моја творба, мое чедо.
– Пред 4 години СДСМ беше партија во слободен пад, клекната на колена, разединета и внатрешно поделена, со сериозни организациони и финансиски проблеми, со изгубен политички идентитет, демотивирана и во процес на целосно маргинализирање.
Впрочем да не беше така ниту партијата ќе ме бараше ниту пак јас ќе мав било каква причина и обврска да се вратам на нејзино чело. Знаев што ме чека, дека ќе биде тешко, дека ќе биде ужасно тешко, ама јас едноставно морав
да го направам тоа. И го направив – рече тој. Во продолжение целиор говор на Бранко Црвенковски:
И тогаш и сега верувам, цврсто сум убеден дека моето повторно враќање на чело на СДСМ не беше моја грешка туку моја должност и обврска кон партијата, моја судбина од која нема бегање.
Затоа што Социјалдемократскиот сојуз е се разбира не само моја, но сепак во најголема мера, повеќе отколку на било кој друг, моја творба, мое чедо.
Кога би било можно да се направи ДНК тест за татковство на политичка партија не се сомневајте во резултатот. Во СДСМ е доминантен генот на Бранко Црвенковски на БЦ, на папата, на брадата, на шефот и не знам уште се какви не прекари кои ми ги дававте во сиве овие години.
И тоа покрај сите генетски пореметувања, покрај сите мутанти и вируси кои во изминатиов период влегуваа и излегуваа од оваа партија како да е драгстор си земаа од неа тоа што им требаше без да платат и оставајќи зад себе тешки траги и последици.
Пред 4 години СДСМ беше партија во слободен пад, клекната на колена, разединета и внатрешно поделена, со сериозни организациони и финансиски проблеми, со изгубен политички идентитет, демотивирана и во процес на целосно маргинализирање. Впрочем да не беше така ниту партијата ќе ме бараше ниту пак јас ќе имав било каква причина и обврска да се вратам на нејзино чело.
Знаев што ме чека, дека ќе биде тешко, дека ќе биде ужасно тешко, ама јас едноставно морав да го направам тоа. И го направив.
Првата задача која си ја поставив беше да ги вратам единството и заедништвото во партијата, да ги помирам и сплотам различните крила и групации и од сите нив да направам единствен функционален систем, еден организам кој ќе делува синхронизирано и сложно.
Лесно да се каже но само јас знам колку тешко да се направи. Во оваа прилика сакам да упатам порака, апел, молба до сите вас, а пред се до новото раководство на СДСМ: нема доволно добра програмска понуда, нема доволно квалитетни кадровски решенија, нема ни тактики, ни стратегија кои можат да доведат до успех една поделена и внатрешно конфронтирана партија.
Првиот чекор е единство, сплотеност, меѓусебна лојалност и другарство. Нели се направи тој чекор успешно- се друго е џабе. На самиот почеток на мандатот направивме радикална кадровска обнова на партијата и на централно и на локално ниво.
Преку 80% од членовите на новиот Централен одбор и од претседателите на општинските организации беа луѓе кои прв пат беа носители на тие партиски функции.
Истовремено ги поканивме основачите и ветераните на партијата активно да се вклучат во нејзиното консолидирање. Најголем дел од нив тоа со задоволство го прифатија и дадоа огромен придонес во подготовка на новата програма и подоцна во работата на советите на партијата.
Имаше и такви кои својот ангажман го условуваа со високи партиски функции или гаранција за идни кандидатури за пратеници или градоначалници. Тоа пак јас не го прифатив, а еве и зошто: Луѓе кои ја сакаат партијата и се спремни да работат за неа тогаш и само тогаш кога имаат од неа нешто да добијат –не ни се потребни. Таквите, а во тоа се уверивме и во овој период и за тоа плативме многу висока цена, ќе ни го свртат грбот и ќе не предадат на првата кривина во клучниот момент од најважните битки.
Заради променетите општествени околности кои бараа нов соодветен одговор но и заради перцепцијата која постоеше, а која заради владината медиумска пропаганда за жал постои и денес дека СДСМ нема партиска програма пристапивме кон изготвување на „Решенијата за Македонија“.
Во оваа активност учествуваа стотина експерти, интелектуалци, стручњаци за определени области, наши членови, но и партиски неопределени личности. Програмата „Решенија за Македонија“ ја промовиравме на 12 септември 2009 година во Универзална сала во Скопје.
Тврдам дека се работи за еден исклучително квалитетен документ кој со својата сеопфатност, конзистентност и реална изводливост ги надминува сите преродби и манифести на ВМРО-ДПМНЕ заедно. Меѓутоа Македонија веќе одамна не е земја во која се најважни вистината и фактите туку наметнатата лажна перцепција.
За жал често и ние самите, наместо да се бориме против таа лажна виртуелна стварност наметната од медиумско-пропагандистичката агресија одиме по линија на помал отпор па ја прифаќаме и и се прилагодуваме. Така често пати слушам во јавноста наши истакнати претставници некои од нив дури и директни учесници во изготвувањето на „Решенијата за Македонија“ како изјавуваат дека СДСМ конечно треба да изработи партиска програма.
Социјалдемократскиот сојуз програма има. И тоа добра програма. Таа може да се менува, да се обновува, да се проширува но би било голема глупост да се игнорира или отфрли. Пролетта 2010 година се наметна потребата СДСМ да ја демонстрира својата сила и моќ на начин кој не може да биде релативизиран од медиумските мегафони на власта, ниту покриен со нивните редовни лажни анкети пласирани во јавноста. Дојде време да се пробаме и да се појавиме на улица.
По пауза од повеќе години на 27 јуни 2010 година го организиравме првиот голем протестен митинг пред Владата на РМ. Сите ние кои директно учествувавме во неговото организирање помниме какви се стравувања имавме околу неговата успешност.
Присуството на преку 35 илјади граѓани не охрабри нас, но што е многу поважно го охрабри добар дел од народот и ја пробуди надежта дека во земјата има опозициона структура доволно силна и моќна да и се спротивстави на актуелната власт. Почнувајќи од тој ден па во периодот што следеше митинзите, протестните собири и маршеви станаа редовно користена алатка во водењето на нашата политичка битка. Најчесто како единствена можна реакција на политиките и потезите превземани од страна на власта, а во услови на недемократски амбиент и целосен медиумски мрак.
Почитувани делегати, Токму во истиот тој период, успеавме да направиме значаен пресврт во односот на сили на медиумската сцена каде што се до тогаш бевме целосно инфериорни. Најгледаната, а со самото тоа и највлијателната А1 заедно со печатените медиуми од истата групација кој во претходниот период беа силни поддржувачи на Груевски и неговата власт буквално преку ноќ ја променија страната и станаа жестоки критичари на истата.
Посебно сум горд на тој наш успех. Затоа што не се должи ниту на пари кои ги немавме, ниту на било каков политички пазар бидејќи немаше со што да се пазариме. Се беше резултат на идеја и на долги разговори околу тоа што ја чека Македонија ако овие погубни политики не бидат запрени.
Велија Рамковски со сите негови маани и аномалии кои ни се добро познати им отчита лекција по храброст и општествена одговорност на бројни бизнисмени и интелектуалци, припадници на општествената елита во оваа земја. Добар пример дека секој и секогаш има избор.
Неговиот беше или да продолжи да го величи Груевски, да ја шири својата медиумска империја и да прави огромни пари или да се спротивстави на нешто што е погрешно, што е штетно и погубно за сите и иднината на државата. Го избра второто и денес заедно со скоро целото свое семејство е во затвор.
Дали неговиот избор беше глупост или храброст? Се додека кај мнозинството постои таква дилема шансите за промени кон подобро во оваа земја се мали. А ако пак таква дилема постои во оваа наша партија, а се плашам дека кај некои постои, од СДСМ победничка партија не бидува.
-Нашата млака и несоодветна реакција на затворањето на А1 и весниците, Време, Шпиц и Коха е ре е едната од двете наши први крупни стратешки грешки. Втората беше тоа што прифативме да одиме на предвремените парламентарни избори на 5ти јуни 2011 година без претходно да се исполнат условите тие да бидат елементарно фер и демократски.
Груевски тоа го разбра како сигнал и охрабрување дека може да прави што сака а за тоа да не плати буквално никаква политичка цена, ниту дома ниту пред меѓународната заедница. Растеретен од било какви притисоци и стравувања влезе во завршната фаза на целосна партизација на последните бастиони на институционална независност и на елиминирање на последните барем малку влијателни критички настроени медиуми(што со затворање, што со купување). Тој процес во Македонија е веќе одамна и целосно завршен. Македонија дефинитивно повеќе не е ниту демократска ниту правна држава.
Почитувани делегати, и покрај се, на парламентарните избори 2011та освоивме 370. 000 гласа, што е втор наш најдобар резултат, после оној од 2002та. Искрено речено, тоа е повеќе отколку што јас очекував. Но тие освоија 440.000 гласа. После 5 години лошо владеење. И да бидеме искрени без поголеми фалсификати и полнење на кутии.
Се покажа дека имаат разработено технологија која успешно функционира за злоупотреба на сите државни институции, за злоупотреба на сите финансиски средства од буџетот, од јавните фондови и јавните претпријатија за, не индивидуален, не партиски, туку државно-институционален системски притисок и поткуп на гласачите.
Притоа без било каков страв дека за кршење на било кој закон на било каков начин некој ќе одговара. Затоа што институциите пред кој може да се одговара, пред се судските, беа веќе ставени под целосна контрола. Во такви околности само небото и можноста за нови задолжувања во странство се лимит. Ништо друго. Се додека имате дотур на свежи пари во системот тој ќе функционира.
А благодарение на рационалните и одговорни политики на претходните влади на СДСМ, оваа власт може да се задолжува уште многу. Навистина каматите ќе стануваат се повисоки но и така тие долгови ќе ги враќа некој друг во иднина.
Уште тогаш мораше на сите да ни биде јасно дека:
1.Нашето инсистирање на фер и демократски избори е апсурдно и беспредметно. Не може во една недемократска, тоталитарна држава да има демократски избори. Не е битно што се случува на самиот ден на изборите ако во останатите 364 дена во годината се е узурпирано, контролирано и злоупотребувано.
2.Оваа и ваква власт не може да биде победена со амандмани и дискусии во Парламентот, со прес конференции и изјави, со округли маси и трибини. Не може!!!
-Јас лично сам со себе расчистив дека не ни претстои битка за победа на СДСМ на следните избори, туку нешто многу покрупно, позначајно, потешко: битка на Македонија за слобода и демократија, за правда и правна држава.
А таква битка не може да добие ниту една политичка партија, ниту една коалиција. Таква битка може да добие само народот. За да народот се покрене, за да народот даде масовна поддршка мора да има доверба во оној што го повикува мора да ја препознае искреноста дека се бориме за неговите, а не за нашите лични и партиски интереси. Да види дека сме подготвени да жртвуваме нешто лично за доброто на сите.
Работното лето минатата година беше почеток на нашите подготовки за локалните избори, но во исто време беше почеток на подготовките за таа многу поголема, многу поважна и позначајна битка за тоа каква држава ќе имаме и во каква држава ќе живееме. Затоа спиевме по куќи, одевме по ниви, разговаравме по маала и селски кооперации. Да не видат дека сме со нив, дека сме како нив, дека сме за нив. Дека не сме елитистичка, салонска, канцелариска туку народна партија.
Од друга страна беше јасно дека политичкиот судир со власта мора да се продлабочи, да се изоштри, работите да се поедностават за да станат појасни. Механизмот кој што самите владејачки партии го измислија и легитимираа за блокада на донесување закони во Собранието по теркот на Законот за бранители ни стоеше на располагање. Требаше само да го определиме моментот и поводот.
Се решивме да го направиме тоа на прашање каде сите аргументи се на наша страна и можеме да ги браниме нашите позиции и во Собрание и пред целата јавност -намерата на Владата дополнително да се задолжи во странство за 250 милиони евра оставајќи ги во буџетот сите непродуктивни трошоци и на само три месеци пред локалните избори.
Сето она што потоа следеше, случувањата од 24ти декември во Парламентот и пред Парламентот на сите ни се добро познати и во оваа прилика немам намера повторно да ги елаборирам. На сите, буквално на сите им беше јасно што се случи. Тоталитарниот, партиско-полициски режим на Никола Груевски се соголи до крај и пред домашната и пред меѓународната јавност.
Конечно, после толку години летаргичност и апатија, Македонија се пробуди; неопределените почнаа да се определуваат, замолчаните почнаа да зборуваат!
Се роди „Отпорот“! Секоја вечер полни улици ширум Македонија! Енергијата што се појави можеше човек да ја почувствува на секој чекор. Тврдам дека „Отпорот“ е најдброто нешто што му се случило на Социјалдемократскиот сојуз во последните десеттина години. Затоа што во него влеговме искрено со чисти и чесни намери. Не за себе, туку за повисоки цели! И народот тоа го препозна, народот ни поверува и ни ја даде својата поддршка.
Почитувани делегати, драги мои сопартијци. Длабоко сум убеден дека направивме голема грешка и искрено жалам што не издржавме со „Отпорот“.
Ако ги бојкотиравме локалните избори и поднесовме оставки во Парламентот денес, а најдоцна во септември ќе бевме во кампања за предвремени парламентарни избори. Ако народот видеше дека сме подготвени да ги жртвуваме нашите пратенички плати и советнички паушали, нашите градоначалнички и директорски фотелји заради негово добро и доброто на оваа држава, ќе беше со нас. Или ќе победевме на избори или заради украдени избори ќе ги срушевме од улица.
Јас длабоко верувам во ова што ви го говорам. Не префрлам никому ништо освен на самиот себе затоа што не успеав, не најдов начин да ве убедам. Не говорам за формални одлуки, туку за концепт кој може да успее само ако се спроведува со верба со жар, со ентузијазам.
Се надевам дека од сето ова што ни се случуваше, од сето ова низ што заедно поминавме во изминативе години, ќе извлечеме поука за нашите идни постапки и одлуки. Не е голем оној кој што никогаш не паѓа, затоа што такви нема. Голем е оној кој што откако ќе паден брзо ќе се крене и уште поцврсто ќе продолжи да чекори напред. Токму овој наш денешен конгрес е моментот кога треба повторно да се кренеме и да исчекориме напред. Нов почеток за нов СДСМ .
Почитувани делегати, драги мои партиски другари. Денес мојот мандат како претседател на СДСМ завршува. Денес јас и вие, мои партиски соборци и пријатели ќе се разделиме. Сакам да им се заблагодарам на потписниците на Иницијативата за мое останување за поддршката и довербата, меѓутоа за жал таа кандидатура не можам да ја прифатам.
Не заради некакви мои лични причини туку затоа што СДСМ заслужува нова шанса со нови луѓе. Сакам да апелирам до членовите на иницијативниот одбор и до сите потписници доколку навистина ме почитуваат и ми веруваат да ги вложат сите свои сили и целокупната своја енергија за доброто и иднината на партијата. Нека бидат „чувари на огнот“ и на единството и заедништвото во СДСМ.
Драги пријатели, Во овие 4 години работев максимално, толку колку што можев и толку колку што знаев. Не се штедев, не калкулирав, не се криев зад други и не избегнував ризици. Сите мои одлуки ги носев со уверување дека токму тоа е најдобро за партијата и никогаш не барајќи се себе во приказната. За сите направени грешки во овие 4 години, за сите пропусти и порази ја превземам целокупната одговорност. Таа е моја и само моја. Жалам што не успеав, а само Господ ми е сведок колку многу сакав да ве доведам до победа. Ми беше чест да работам и да се борам заедно со вас.
Ми беше гордост да чекорам во ист строј со вакви луѓе. Ви благодарам за поддршката што ми ја дававте и за довербата што во мене ја имавте. Посебно сакам да се заблагодарам на онаа група луѓе кој во медиумите, а богами и по партиските кулоари го добија предзнакот „најблиските соработници на Бранко“. Знам дека многу често критиките и нападите кои ми беа наменети мене заради кукавичлук на оние што ги упатуваа завршуваа на ваша адреса. Ви благодарам што издржавте и што ми останавте до крај лојални.
Почитувани делегати, успехот на луѓето во политиката не се мери само според тоа што направиле додека биле на одредена функција туку и според тоа што оставиле зад себе кога таа функција ја напуштиле. Најискрено со сето срце и со цела душа посакувам новиот СДСМ да биде успешен, да биде победнички, да биде нешто со што и јас и секој наш член ќе се гордее, рече во таа прилика поранешниот претседател на Македонија и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.