Фросина Ременски: „Деновиве на заминување од Собранието, се сретнав со неколку пратеници од различни политички партии.
Во разговор со еден (сега) поранешен пратеник кој ќе поднел барање за апанажа, ми вели „ти имаш достоинствена професија – универзитетски професор си, и не е проблем да се вратиш на работа …, јас што сум бил приближно се во политиката не можам/не иде да се вратам и да бидам референт во претпријатието во кое работев“.
Не ми е целта да откривам за кој поранешен пратеник станува збор, не е мал бројот на тие што размислувале или размислуваат така. Целта ми е да го доловам разбирањето/сфаќањето на политичките/партиските функции, на пратеничката функција на лица во политиката (можеби не на сите, но на повеќето).
Се додека политичката/партиската функција се смета за престиж, заради привилегија и статус, а не како чин на должност и сервис, се дотогаш апанажата ќе биде продолжение на мерилото за статус, наспроти враќање на претходниот труд кој е резултат на лично достигнување, должност и сервис за општеството и општото добро без политички/партиски статус.
Нема недостоинствена професија! Има само професии кои ги извршуваат луѓе на достоинствен или на недостоинствен начин, со љубов или без љубов …
Затоа, имало и ќе има разлики околу разбирањето на „интересот“ за влез во политиката. Тие што во политиката влегле да остават свој личен белег и придонес за интересот на граѓаните и државата, тие секогаш имале разбирање/сфаќање за важноста на моментите во кои се одлучува за иднината; не калкулирале со тоа колку и кому ќе се допаднат или не, заради ставовите, знаењето и начиниот на кој тоа го прават, но не калкулирале и кому нема да му се допаднат; не каликулирале што ќе добијат, а што ќе изгубат, заради своето убедување.
Калкулирале само со едно, а тоа е колку можат повеќе, со своето знаење и можности да помогнат на општеството да направи чекор напред за идните генерации и да создава атмосфера на мир, соработка и почитување на етнички, верски, политички различниот од него.
Познавам многу такви луѓе! Затоа, моето примарно сфаќање на полтиката и политичкото делување не е поврзано со политички или партиски функции, туку со јасен став и конзистентност на идеи и постапки во интерес на вистинските, постојаните вредности. Велам постојаните и вистинските вредности, затоа што има и вредности кои не се вистински и не се постојани.
Политиката била и ќе биде свест, знаење, чекор, одлучност и храброст на поединци кои ја знаат нивната улога и должност во општеството – да бидат доследни на доброто, прогресивното и можното. За тоа не е потребна функција и повик, за тоа е потребен интегритет, визија и спремност.
Кога на политичките школи за младите на кои се помалку се зборува за идеологија, младите ќе се поттикнуваат да ја сфатат политиката како арена на идеи, а не арена на интереси, тогаш можеме да го надминеме корпоративистичкото сфаќање на политиката/партиите.
Без идеја и конзистентност, без труд и достоинствен поглед кон сите граѓани и сите професии, функциите се ништо.“