Не е виновна ни црквата ни МВР – вчера во Струга од споредни улички се приклучуваа луѓе

0

МВР за вчерашната литија со стотици верници, кои не ги почитуваа мерките за заштита од коронавирусот, вели дека старешината на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга ги информирал дека настанот ќе се одржи само со локалното свештенство и монаштво, а кога полицијата увидела дека на настанот се придружуваат и граѓани, не можеле да ги спречат поради страв од пожестока реакција и ескалација на состојбата.

МВР тврди дека полицијата во Струга ги спровела сите безбедносни мерки и постапувала во согласност со мерките донесени од Владата за заштита од Ковид-19.

„На 4.5.2020 година, началникот на ОВР Струга, заедно со други претставници од полициската станица, одржа работен состанок со старешината на црквата ‘Св. Ѓорѓи“’ во Струга, на која на старешината му беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од зараза со коронавирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата црковните и другите лица строго да се придржуваат до одредбите за држење прописно растојание.

Старешината на црквата ги запозна полициските претставници дека навремено ќе информира за сите планирани активности пред и за време на одржувањето на литијата и нагласи дека бил во постојан контакт со МПЦ-ОА“, информираат од МВР.

Полицијата во Струга забележала дека група верници почнале да се собираат уште во дворот на црквата „Св. Ѓорѓи“, но имале маски и држеле растојание, велат од МВР, по што додаваат дека кога поворката се движела низ струшките улици, полицијата забележала дека од споредни улици и дворови граѓаните излегувале и ѝ се придружувале на поворката.

„ОВР Струга изготви оперативен план и во согласност со него на 7.5.2020 година изврши физичко покривање на поширокиот дел од црквата ‘Св. Ѓорѓи’ , во чиј двор беше забележана помала група верници, кои имаа заштитни маски и беа на соодветно меѓусебно растојание.

При движењето на литијата кон кејот и на шеталиштето од споредните улици и од дворовите на приватните куќи околу 17.30 часот полициските службеници забележаа движење и приклучување на групи верници“, велат од МВР.

Од МВР истакнуваат дека било невозможно да се спречи собирањето на стотиците верници, кои ѝ се придружиле на литијата бидејќи, ако имало пожестока реакција, ќе дошло и до ескалација.

„Иако имаше обид на полициските службеници да се спречи нивно ефективно вклучување во поворката, на што наидоа на вербална реакција и негодување од граѓаните, таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата“, сметаат од МВР.

Тие на крајот од соопштението наведуваат дека за разлика од минатогодишната литија со 10.000 верници, оваа година имало околу 300 лица. По ова, струшката полиција и Обвинителството спроведуваат мерки за да се идентификуваат евентуални организатори на непредвиденото и ненајавено приклучување на групите верници по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Претходна статијаШто ќе ни биде потребно за да влеземе во нашата соседна држава -денес пристигна одговорот
Следна статијаМицкоски до Заев: А сега што правиме со трас-трас одлуките, д’гау времето доаѓа!?