Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на опозицијта Христијан Мицкоски, денес на социјалните мрежи упатија пораки по повод празникот Прочка:
-Почитувани граѓани, Христијани, и сите луѓе со добра воља, Денеска е Прочка. Празник на простувањето и помирувањето кој повикува да ги совладаме суетата и празното самозадоволство, и да си пружиме рака за помирување како одлика на чесни луѓе.
Простувањето и помирувањето се одлики на големи народи. Бев првиот кој повика на помирување. На првата годишнина од крвавите настани во нашето Собрание подадов рака и понудив да отвориме процес на прочистување од злото што зад себе го остави режимот.
Понудив да направиме заеднички подвиг и прв чекор за правда и правна држава и за чист старт за нашата заедничка иднина. И ќе продолжам да повикувам на заедништво, зашто знам дека со секој следен повик може да се разбуди нова човечка добрина.
Денеска е прочка и ден за простување, но тој чин нема да ја добие суштината ако претходно нема покајание. Простувањето ќе остане празен збор, ако од лагата се прави поголема лага. Ако продавате кули од лаги и магла.
Прочка е празник на простувањето, но простувањето не значи да се заборави. И нема да заборавиме – бидејќи имаме заедничка цел – правда!
Jас ја гледам целта на нашиот пат и таму ја гледам правдата. До неа ќе стигнеме заедно со сите вас. Тоа го должиме и тоа ќе го испорачаме.
Судството мора да се соочи со граѓаните и да се промени! Последните бункери на заробената држава ќе паднат.
Ние веруваме во тоа за што се залагаме. Правдата и владеењето на правото, демократијата, слободата на говорот, слободата на изразување се нашите вредности.
Да паметиме и да се крепиме од овој дух на простување и помирување со кој е исполнет денешниот ден. Да си посакаме многу мудрост и трпеливост во нашиот стремеж за достоинствен дом – дом на правдата за сите наши граѓани. Да бидеме подобри луѓе, за да имаме подобра заедница, порача Заев во своето обраќање.
„Мора да го развиваме и да го одржуваме капацитетот за простување. Оној којшто е лишен од моќта да простува е лишен и од моќта на сакањето. Постои нешто добро во најлошиот дел од нас и нешто злобно во најдобриот дел од нас.
Кога ќе го откриеме ова, ќе бидеме помалку склони да ги мразиме нашите непријатели“, велеше Мартин Лутер Кинг. Во еден дел од библијата стои “прв нека го фрли каменот, оној што е безгрешен”. Оттука човечки е да се греши, исто како што е човечки и да се простува.
Како христијанин никогаш нема да ми е тешко да побарам прошка од оние кои ги сакам и почитувам, моето семејство, блиските, пријателите, мојата земја, мојот народ, граѓаните на Македонија, како што тоа го правам и денес на празникот прочка, затоа што само така се поправаме, осознаваме за грешките, стануваме подобри луѓе, подобри слуги на својата кауза, а таа е нашиот завет, нашата татковина.
На апатијата мора да се стави крај, да се каже дека сите не сме исти и дека можеме вистински напред. И знам дека тоа не е лесно, а впрочем и што било лесно во овие години на независност, неизвесност и чекање, но знам дека овој пат ќе успееме, заедно, со чиста мисла, и посветеност, затоа што Македонија има сила, верба и надеж.
И знам дека нашиот народ умее да простува, но и не заборава, и многу добро знае да биде гласен во време кога има такви кои од него бараат да молчи. Тој ден доаѓа кога оваа тешка реалност на неправди и тежок живот може да се промени, а и нема да се заборави, за да не се повтори.
Следуваат Велигденските пости, период на искушенија и одлуки. Македонија има сила за промени, обнова, и иднина каква заслужува секој еден од вас, порача Мицкоски.
Во изјавите на двајцата лидери се забележува дека декларативно се за простување, но суштински најверојатно не си простуваат. Тие овие свои помисли ги претставуваат како волја на граѓаните, кои не заборавале.
Да се надеваме дека народот ќе им прости на обајцата, што и еден од поголемите Христијански празници го користат за политички пораки.