Дека нешто системски треба и мора да се смени во нашата држава, покажува и последната состојба со обрасците за лични документи во МВР. Повеќе од еден месец граѓаните не можат да дојдат до лична карта и возачка дозвола, а сега веќе нема да можат ниту да извадат нова, или да ја продолжат старата патна исправа.
Зошто системски, затоа што од почетокот на оваа година, на челното место во министерството за внатрешни работи седи кадар од опозицијата, на местото технички министер и проблемот не е решен.
Претходниот министер за Министерството за внатрешни работи, Оливер Спасовски, исто така не обезбедил навреме обрасци за лична идентификација. Значи кадрите од двете партии се соочуваат со истите проблеми и на ист начин функционираат.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, соопшти дека МВР повеќе нема да прима апликации за патни исправи додека не пристигнат новите обрасци кои се очекуваат во текот на следниот месец. Дотогаш системот за закажување термин за патна исправа ќе биде ставен надвор од функција.
На денешната пресконференција Чулев информираше дека Министерството располага со уште околу 3.700 преостанати обрасци за патни исправи и дел од нив, околу 650, ќе бидат искористени за оние кои веќе аплицирале за добивање пасош по итна постапка. Останатите обрасци ќе се чуваат за приоритетни медицински случаи.
Министерот додаде дека досега во МВР пристигнале околу 16.000 апликации за добивање патни исправи по редовна постапка, кои нема да може да бидат спроведени додека не дојдат новите обрасци.
Обрасците кои ги испорачува компанијата „Веридос“, согласно склучениот договор, требало да стигнат на 24 март, но според министерот Чулев има најави дека овој рок може да се скрати.
Според Министерот, проблемот со недостаток на пасоши е резултат на лошо планирање, пропусти во работењето и доцнење со нарачката.
Сепак, најголемиот проблем го имаат граѓаните. Нив не ги интересира чиј е пропустот, како што институциите не ги интересира зошто ја немаш личната карта, таму каде што треба да ја покажеш.
Законски, сообраќајниот полицаец мора да те казни, доколку не му покажеш возачка дозвола, иако и самиот тој е запознат со проблемот.
Но ако во државата граѓаните некако и ќе се снајдат, што да прават граѓаните кои мораат да отпатуваат надвор од земјата, кои дошле на одмор и треба да се вратат во државите каде живеат и работат. Никако!
Ќе ги загубат работните места, на ндруги ќе им трпи бизнисот, а истовремено ќе им течат трошоците. Најлошо од сè е неизвесноста. Како што гледаме, нема конкретен датум кога овој проблем би можел да биде решен.