Никогаш во мојата професионална кариера ниту еден обвинет не сум го уценувала, ниту принудувала да каже било што, вели во изјава за “Фокус”, обвинителката од случајот “Рекет”, Вилма Русковска за тврдењата на обвинетиот Бојан Јовановски дека за да добие позитивно мислење за притвор, му било понудено да ги “намести”, Катица Јанева и Фросина Ременски.
– Сигурно не сум му понудила. По обвинението за “Рекет” веќе течеше судењето, кога тој даваше исказ за предметот со “Меѓународен сојуз”. За ова прво обвинение беше носен во неколку наврати да ги гледа доказите и на крај реши да му биде лошо и не даде исказ.
Никогаш во мојата професионална кариера ниту еден обвинет не сум го уценувала, ниту принудувала да каже било што. Ако обвинет дава исказ, тогаш поставувам прашања, ама да уценувам или да терам да каже било што, никогаш, вели Русковска.
Јовановски познат во јавноста како Боки 13, денеска од судечкиот совет побара да го пушти од притвор, и во своето излагање пред судот тврдеше дека и нему исто како на осудениот Зоран Милевски- Кичеец, за да добие позитивно мислење за притворот му било нудено да каже дека Јанева е крива или дека Ременски зела пари. Јовановски тврди дека, бидејќи не прифатил, затоа бил во притвор.
Русковска побара да не му се укинува притворот бидејќи бил фатен како бега на граница, иако Јовановски тврди дека одел на одмор во Миконос.
За тврдењата на Јовановски изјава даде и пратеничката Ременски.
„Секаков вид на изнуда на исказ за да се обезбедат права на обвинетите кои им следуваат со закон е недозволено. Особено ако исказите не се вистинити. Ова што го слушнав денес е само уште една потврда за тенденциозноста која го следи овој случај од самиот почеток и моето таргетирање осмислено во политичко-разузнавачките кујни.
И од човечки и од правен аспект е недозволиво правата на обвинетиот да бидат изнудувани со невистини или притисоци. Ретко кој во ваква состојба не подлегнува на притисоци, изјави Ременски за Локално.
Судењето за “Рекет” е во доказна постапка и почнаа да се испитуваат сведоци предложени од одбраната.