Истиот ли е овој Влатко Ѓорчев што до пред некој месец викаше дека ги чувал таблите со „Република Македонија“, со оној од пред неколку дена што скокаше од место кога се ратификуваше протоколот за НАТО и заедно со нас излезе надвор да гледа како се крева знамето на Република Северна Македонија пред Собранието, рече пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов на собраниската дебата за разрешувањето на министерката Рашела Мизрахи.
Толку цврсто не уверувате дека ќе го вратите името, дека ќе го поништите Преспанскиот договор, а немате проблем да потпишувате такви работи под името Свеерна Македонија. Одлучете се – како Северна Македонија не е проблем кога треба да одите во Америка, а проблем е кога треба да се влезе во НАТО или ЕУ, му рече Костадинов на Ѓорчев.
Ѓорчев обвини дека земјава станува „заевистан“.
-Доаѓа моментот кога на оваа ненародна власт треба жестоко да и се врати преку гласачка кутија, политички процес и да биде жестоко казнета за се она што и го приредува на Македонија, на денвна основа национално понижување, корупција и пљачкосување, процеси кои ги немаме видено со години, децении и векови.
Влада без поддршка од народ прогонува луѓе зашто рекле Македонија и зашто зад себе имале натпис „Македонија“, рече Ѓорчев
Претходно Костадин Костадинов се ,,закачи” и со пратеникот Антонио Милошоски, кого го потсети дека се договарал за промена на името, а тоа јавноста го слушнала:
„Антонио еве да ве потсетиме – вие преговаравте за името на државата по телефон, но немавте храброст да им кажете на граѓаните дека тоа е проблем кој мора да се решава за иднината на државата. Како рековте: Горна, Долна, Вардарска Македонија… па кажете јавно зашто ги лажете граѓаните.
За мене и за сите, патриот е оној којшто обезбедува сигурна иднина за државата и граѓаните, а не оној којшто со сите напори се бори, во случајот, против Преспансккот договор, за кој сите ги знаеме придобивките. Пред неколку дена и вие ракоплескавте за ратификацијата на протоколот за членство во НАТО. “, рече Костадинов.