Никола Тасев, поранешен директор на Нова Македонија и близок соработник на поранешниот Премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега на ВМРО-Народна, на Љубчо Георгиевски, во свои колумни ма порталот ,,Скопско Ехо”, ги критикува политикита на актуелната владеачка гарнитура, во која во мал дел партиципира и партијата на Георгиевски.
Во својата последна колумна тој меѓу другото пишува:
,,Пред две години се отвори нов бизнис – продажба на розови наочари. Наочарите беа претходно користени, од времето на Груевски, но се уште беа во добра кондиција. Розовите наочари овозможуваа кристално чист поглед за луѓето да бидат насмеани, позитивни, радосни, богати… Наочарите нудеа ЖИВОТ ЗА СИТЕ!
Бизнисот тргна перфектно, како одминуваше секој ден се бараа се повеќе, а како одминуваа месеците се бараа со се поголем диоптер. Ги делеше Владата на народот преку своите медиуми, новинари и експерти, особено во клучните моменти кога поразите требаше да се претстават како победи, неуспехот требаше да се види како успех, кога економскиот пад требаше да се види како развој, енормното задолжување како инвестиција, рекетирањето на бизнисот како нормална појава…
Власта на СДСМ две години наназад создава паралелна реалност дека Македонија е економски лидер во регионот, странските инвеститори полуделе од желба да дојдат кај нас, дека платата е 500 евра, невработеност е со најнизок процент досега, дека ги задржуваме младите и ги враќаме оние кои претходно отишле, дека капиталните инвестиции се огромни и државата се гради, и дека во следниот нивни мандат ќе го испратиме првиот Македонец на Месечината…
Во реалниот живот, ниту имаме економски раст, ниту сме лидери во регионот, ниту платата е 500 евра…”
Во своја претходна колумна, за младите кои се иселуваат, Тасев пишува:
,,Златко е политичар, кој дваесетина години се шета по различни партии. Секогаш е со власта и континуирано е на државна функција. Нo Златко, по 20 години „измачување врз грбот на државата“, ги спакувал куферите и одлучил да се отсели од Македонија.
Не, од страв дека ќе ги изгуби престојните избори, затоа што Златко никогаш не губи, оти се лепи за секоја власт. Златко тргна по патот кој го избираат и другите млади – да замине во странство.
Ова, секако, е само надреална приказна, ситуација што никогаш нема да ја доживееме, затоа што Златко и „златковците“, никогаш нема да одат таму каде што одат вредните и чесните млади, Македонија е за него „медена земја“. Тој ќе ја напушти само, ако треба да побегне од правдата.
Како власта реагира на овој голем проблем со младите? На Златко му отвара нови врати, особено ако им донесе уште неколку златковци, а на чесните младинци им ја подига граничната рампа да си заминат.
Апсурдот да биде поголем, потоа на прес конференции објаснува дека прави се младите да останат во Македонија. Кои млади бре друже Заев ти ги задржуваш?…”
Значи ли ова дека ќе дојде до конечно обединување во десницата, останува да видиме. На ова ВМРО, како и во времето на Никола Груевски, му недостасуваше изворната ВМРОвска идеологија. Тоа беше партија во чиј извршен комитет може да се каже и немаше ВМРОвци, освен Милошоски и Влатко Ѓорчев.
Тоа беа најсилните аргументи на ,,Народњаците” зошто им е сеедно дали коалицираат со СДСМ или ВМРО со СДСМовци во највисоките структури.
Но актуелниот лидер Христијан Мицкоски во повеќе наврати изрази желба за обединување на десницата и подаде рака кон партијата на Георгиевски.
Сигналите кои се праќаат преку Никола Тасев, укажуваат дека можеби е постигнат некаков договор за коалицирање, нешто што многу брзо ќе го дознаеме, бидејќи предвремените избори се веќе на 12 април.