Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска се сретна со премиерот на Република Малта Џозеф Мускат, кој престојува во официјална посета на Република Македонија. На средбата, како што информираат од Кабинетот на Иванов, двајцата соговорници изразиле задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и го поздравиле интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Република Малта.
Македонскиот претседател потенцирал дека со воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји, се поставени темелите за сеопфатна и партнерска соработка на долг рок. Во тој контекст, претседателот Иванов го афирмирал македонскиот интерес за натамошно продлабочување и развивање на севкупните односи, како на билатерален така и на мултилатерален план.
Иванов, исто така, нагласил дека двете држави во наредниот период треба да се фокусираат на интензивирање на економската соработка преку зголемување на трговската размена, унапредување на правната рамка и поттикнување на контактите меѓу бизнис заедниците и граѓаните.
Во однос на европските аспирации, претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија во Република Малта гледа искрен пријател и поддржувач, додавајќи дека нивните искуства би можеле да ни помогнат во процесот на нашето пристапување кон ЕУ.
Премиерот Мускат, се вели во соопштението, нагласил дека Малта целосно ја поддржува македонската европска интеграција и изразил подготвеност за споделување на нивните искуства на нашиот евроинтегративен пат.
Едно од прашањата коишто беа препознаени како заеднички предизвик за двете земји, но и за Европа, беше прашањето за илегалната миграција, при што двајцата соговорници се заложија за засилена соработка во таа сфера.
Претседателот Иванов и премиерот Мускат се согласија дека македонската заедница во Република Малта, претставува мост за натамошно приближување и развивање на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Малта