Околу четири илјади фанови на Јувентус синоќа беа присутни на „Олд Трафорд“ и имаа причина да бидат задоволни од она што го видоа на теренот, но исто така го искористија самиот финиш на натреварот за да му посветат навредливи песни на Жозе Мурињо.
Португалскиот стручњак секако ја разбра пораката од тифозите од Италија и им одговори со зајадлива гестикулација и покажување на три прста, па како што можеше да се претпостави, менаџерот на Јунајтед одговараше и на оваа тема за време на пресот по натпреварот.
Покрај тоа што имаше пофалби за играчите на Јуве, Мурињо призна дека неговите три прста се однесувале за историската триплета која ја освои Интер во 2010 година, достигнување кое според него многу ги погодило сите во Торино.
– Мојата порака беше јасна, тоа беше очигледен одговор. Воочливо е дека тие не ме сакаат, а исто така јасно е дека најтежок момент за нив беше нашата тројна круна во Италија. Се е во ред, тоа е меѓу мене и фановите. Со клубот, тренерите и останатите имаме апсолутен взаемен респект, се е во најдобар ред, – истакна Мурињо.