Со прегледување на смс и вибер пораки од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста продолжи рочиштето за настаните на 27. април минатата година во Собрание.
Во пораките кои Игор Југ на 16. септември ги испраќа на лицето заведено во неговиот телефон како Борче Шушка, обвинетиот се жали дека тие кои го пратиле во Собрание го ставиле во затвор, пренесува СДК.
„Тие што ме пратија во Собрание, тие и ме осудија. Тие што им вршев нивни работи цел живот ме гонат. Ние по домови, по затвори и бегства, а куртони во фотелја“, му пишува Игор Југ на Борче.
Според записите во телефонот на Југ, Обвинителството кажа дека, почнувајќи од 14.30 часот, неколку пати имал телефонски разговори со обвинетите Александар Василевски – Нинџа, Никола Митревски – Кољо и Јане Ченто.
Од мобилниот телефон на обвинетиот Горанче Ангелов беше читана комуникацијата преку Фејсбук со новинарот Бобан Нонковиќ на 20 јули.
„Само немој по два саати или денови друго да постираш. Тебе те знаат и почитуваат луѓето и треба да задржиш и авторитет, да не менуваш ставови според расположение оти ќе разочараш многу чесни луѓе што те сакаат и почитуваат“, пишува Нонковиќ.
Горанче му одговара: „Ок брат. Додека не дадат амнестија за 27 мој став не мењам, после може да трчам за ВМРО“.