Од затворот Скопје денеска поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, беше донесен за судењето за ТНТ.
„Старите велат, не можете по магарето, удрете по самарот”, рече обвинетиот Миле Јанакиески, за време на судењето за случајот ТНТ, одговарајќи на прашањето на судијата – дали нему му е определена мерката притвор, пренесе Алсат.
Во случајот „ТНТ“ покрај Јанакиески обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.
Груевски избега во Унгарија откако во петокот требаше да се јави на издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство. Во текот на викендот судот се обиде на неколкупати да му ја достави поканата, но не го најде во неговиот дом. Тој завчера на својот официјален Фејсбук профил објави дека се наоѓа во Будимпешта каде побарал политички азил. – Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега и побарав политички азил од унгарските власти, напиша Груевски на „Фејсбук“.
Информацијата за неговото бегство вчера попладне ја потврди и македонското Министерство за внатрешни работи кое објави и меѓународна потерница по него.
По бегството на Груевски, вчера по барање на Специјалното јавно обвинителство им беше одреден 30-дневен притвор на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Во раните утрински часови тие беа спроведени во затворот во Шутка.