Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, стана особено актуелен во јавноста изминатите три години.
Галам е еден од првите портали, ако не и првиот, кој ги пренесуваше неговите анализи на официјалните бројки, во текот на пандемиската криза.
Популарниот Битолски професор Трајковски, освен анализите на пандемиските податоци, многу често знае да проговори и на други теми.
Особено впечатливи се неговите мерења на длабочината на преспанското езеро, кое тој многу често го весла со својот кајак.
Денес, професорот Трајковски раскажа за неговата средба со бездомното куче БТ-052 и што се случило кога сакал да го вдоми:
„Со ова предобро кученце, со регистарски број БТ-052, завчера шетавме цели 3 километри низ Битола.
Ми се приклучи кај болницата, па преку фонтаната и Саатот стигнавме до кај мене дома.
Му дадов од храната за мачорот и го оставив во дворот, со надеж дека ќе вдомам едно општинско куче што не изискува многу. Ни мачорот немаше ништо против.
Мислев дека е добра идеја да хранам куче што навикнало на слободен живот и не бара многу грижа, а освен тоа веројатно стерилизирано од страна на општината, па не би имал проблем ни со кученца.
Бидејќи навикнало на скитачки живот, би се снашло и додека сум отсутен.
За жал, во текот на ноќта избегало низ дворот на комшиите, очигледно навикнато слободно да скита по улиците.
Вчера и денес го сретнав повторно во паркот кај Саатот. Добро и питомо како и обично, од минувачите добиваше по некој залак јадење.
Сепак, овие кучиња премногу си ја ценат слободата, така што тешко би се навикнале да седат во дворот.
Затоа, се одлучив само да го хранам БТ-052, штом го сретнам во градот. Така ќе биде подобро и за него.“