Ова го пишувам за конечно да се разбијат некои табуа. Уште од мала ме учеа дека не треба да ги кријам и да се срамам од моите физички недостатоци туку да бидам рамноправна со сите.
Секој од нас има по некој недостаток, иако сите се претставуваат како совршени и мислам дека е тоа многу погрешно. Особено преку интернетот се создава слика дека сите треба да ги прикриваме недостатоците и да постигнеме совршенство, зборувам за физичкиот изглед. Штета што на умствен план луѓето не бираат да се усовршуваат…
Ни јас не можам да кажам дека сум многу добра во учење нови работи. Воопшто, уште од мала не сум била некој голем ученик и не завршив факултет.
Моите многу ме тераа да запишам барем да завршам нешто, па за работа ќе се снајдам. Јас не сакав, најмногу поради еден период баш во младите години кога западнав во мрачно расположение, се затворив дома и не сакав никаков контакт со луѓе.
Едвај одев и на училиште, многу лош период и тоа се заради нешто што би требало да е нормално секаде. Отсекогаш сум била склона кон дебелината. Буквално уште од мала сум онаа буцка која сите ја зафркавале. Имав и здравствени проблеми од кои едвај се отарасив, но вишокот килограми остана.
Вежбав, се обидував да ги симнам, ама не оди.. стрвна сум и сакам да јадам. Сега имам 28 години и мислам дека созреав и успешно се справувам со дебелината. Барем сум здрава иако сум дебела.
Сфатив дека морам да се прифатам себеси и не дозволувам ништо да влијае на мене. Поради неа дозволив да немам другарки, немам дечко, но се надевам дека ќе успеам и тоа да го надминам.
Зборувањето и смеењето зад грб од страна на соучениците ми беше пресудно за да се одделам од светот. Се сметав за неспособна само заради тоа што не успевав да ги правам зададените вежби на часот по физичко. Поддршка имав само од семејството. Кога решив да се соочам со себе и да го почнам мојот живот, заминав во странство.
Мислев дека таму се поинакви мислењата на луѓето и нема да ми обрнуваат внимание, па сегде има дебели луѓе. Се обидов да работам во хотел, но не успеав зашто ми беше физички премногу напорно, цело време натаму наваму, па се одлучив да пробам во сендвичара.
Не мислев дека некогаш дебелината би ми била проблем при вработувањето. Но ете, и тоа ми се случи. Работев извесно вееме вo сендвичарата дури не наидов на оглас за продавачка во еден реномиран бутик. Целата радосна си реков ајде да си пробам среќата ќе аплицирам. За среќа, ми ја прифатија пријавата и ме викнаа на разговор.
Добро е што во таа еуфорија не стигнав да ја напуштам претходната работа. Земав слободен ден за да отидам на интервјуто и бев зачудена од тоа како ме изгледаа од глава до пети другите врабптени. Ме однесоа кај одговорното лице и по нивниот изглед уште веднаш сфатив дека џабе сум дошла.
Женава без срам ми плесна во лице дека јас не сум можела да се вклопам во оваа средина поради дебелината. Не сум била соодветна за работата, ќе сум имала голем проблем во стоењето цел ден. Не сфатив зошто би имала проблем.
А таа ми вели: “Па ние овде имаме кодекс на облекување, не можеш да ми доаѓаш во патики на работа, треба да носиш штикли, а ти како што гледам не си баш за нив”.
И реков дека можам, ќе се навикнам, ете учам и странски јазик и ќе можам да се снајдам со странските купувачи, но не, тоа не било важно, изгледoт бил пресуден.
Толку ме изнервира што со ја грабнав пријавата и излегов оттаму, нема таа да ми кажува јас за што сум способна, а за што не. Наместо да ги поддржуваат сите девојки, затоа што не сум единствена, тие упорно ги форсираат слабите.
Епа нека си бараат такви манекенки, нема да ми ја уништи желбата за да работам, ќе си се вратам во сендвичарата и ќе работам таму каде што сум примена. Се надевам дека еден ден ќе успеам и на друго место да се снајдам ако не постојат вакви предрасуди во однос на физичкиот изглед.
Обработи: С.С. Фото: Илустрација
Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама