Според мене, постите во сите религии се смислени од здравствени причини, како за прочистување на телото, но пред сè за духовно чистење, смирение, зацврстување на карактерот и.т.н. Во беседите од нашите Свети Отци, можеме да прочитаме дека постот и приближувањето до аскетскиот живот, особено му помага на човекот да се сосредочи во молитвата.
Кога сме оптеретени со тоа што јадевме за појадок, или кога размислуваме што вкусно да приготвиме за ручек, ние не можеме да се фокусираме на молитвата, умот постојано “ни бега”…
Се разбира, погоре напишано се однесува на оние верници кои ги исполнуваат послушанијата од своите духовници до точка и запирка, за почетниците, подолу ќе објасниме како оди телесниот пост во православната религија. Имено, во Православието, како и во Католицизмот се практикуваат 4 големи пости и тоа: Велигденскиот, Божиќниот, Петровденскиот и Богородичниот пост.
За време на овие пости типикот е следен:
Понеделник, среда, петок, јадења приготвени без масло, вторник и четврток масло, сабота и недела, масло, риба и вино.
Типикот за понеделникот на вода мислам дека важи пред сè за монасите, но во секој случај, консултирајте си свештеник. На крајот на краиштата, СЕКОЈ ПОСТИ СПОРЕД СВОИТЕ СИЛИ, повторно, во консултација со духовник!
Што да се јаде?
Овие пости се одличен момент, покрај исполнување на духовните типици, да се прочисти и детоксифицира телото.
Предлог:
Мој предлог за овие пости би бил во понеделник да се фокусирате на овошје во свежа форма, или исцедено како сок. Дури и кога не се во тек големи пости, нутриционистите предлагаат во понеделник да се направи еден своевиден детокс, со внесување големи количини на овошје и зеленчук, секако и 2-3 литри вода. Зошто понеделник? Затоа што се претпоставува дека во деновите на викендот сте претерале со јадење!
Сега вака, за да биде полесно, би ви предложил во вторник да си направите оброк во поголема количина, за да ви остане и за во четврток, истото направете го и во среда – за петок, но овојпат без масло.
Изборот нека биде вариво од грав, грашок, боранија, леќа, зелка, бамја… Овие намирници во овој период можете да ги набавите во смрзната, но и во свежа форма на пазарите. Дури и во деновите во кои се употребува масло, гледајте да биде навистина малку, по можност ладно цедено – маслиново!
Има една фама помеѓу луѓето, дека кога постат се дебелеат. Верувајте, нема реална причина за такво нешто доколку правилно си ги организирате оброците, освен, ако не претерате со леб и тестенини! Затоа, ограничете се на 2 парчиња леб по оброк, би било најдобро оној сецканиот, како би имале вистинска мерка.
Сабота и недела можете да се почастите со риба, мој совет е тоа да биде речна или езерска, а доколку е морска, изборот нека биде скуша! Пребогата е со омага 3 и 6 масни киселини, а поради нејзината ниска цена, не е подложна на товење, а со тоа и на разни стимулативни агенси кои го поттикнуваат брзиот раст и развој на рибата. Лесни пости!