Потекнувам од скопско Усје, а мажена сум во Ракотинци. Мажот ми е тука во селово роден, значи може да се нарече мештанин. Имаме две дечиња, кои се веќе основци и учат во училиштето во Ракотинци.
Јас работам во клинички центар како хигиеничарка, а мажот ми работи во приватна фирма како возач, а по потреба и други работи. Важно му е да ја извади дневницата, бидејќи од неговите примања живееме, колку земам јас…
Свекор ми и свекрва ми се упокоени. Свекрва ми поскоро, пред две години. Маж ми и брат му, беа договорени ние да ги догледаме старите и да ја добиеме куќата, а тој да добие поголем дел од нивите кои ги делеше стариот.
Знаете, тука во нашите села, тие што имаа ниви од време, сега изминативе дваесеттина години добро се опарија. Дека овде во нашиве места, Ракотинци, сопиште, Соње, Добри Дол, минатите години е популарно да се градат куќи.
Блиску е до град, а е прекрасно, високо, чист воздух. Има продавници, аптеки, училиште. Има автобуси, а зимно време и добро го одржуваат патот, кога ќе падне снег.
Нејсе, да се вратам на приказнава моја. Девер ми си доби нивје, поголем дел распродаде. Ние нашите ги чуваме, ништо од мажот ми страна немаме продадено. Нека остане за децата.
Продадовме само една нива мене тато што ми ја даде, кога требаше да купуваме кола. Домаќини сме ние, па сега децава како ќе бидат, ќе видиме.
Маж ми Трипун, и покрај договорот со брат му и старите за куќата, одлучи една соба во куќата да биде за брат му и неговото семејство. Му рече: – Брат, си имаш во куќава родна соба, кога сакаш да си идеш. Ова е твоја куќа!
Собата е долу на приземје и е блиску до кујната, а има и вле посебен, односно преку терасата може да се влезе, а од неа веднаш во дворот.
Што се случува последниве години. Девер ми и јатрвата почнаа секој ден да си идат. Од почеток со децата, сега веќе дечињата им потпораснаа, па претежно доаѓаат без нив.
Тие живеат во стан, мало станче некои 50-60 квадрати во Кисела Вода. Кога ги распродадоа тоа нивите, купија кола, си купуваа најубави гардероби, шетаа, по Грции по Бугарии зимно време.
Ама изгледа ги потпотрошија парињата и сега секој викенд Ракотинци. А дојде сабота сабајле, еве ти ги во двор со колата. Ајде јас кафе, па доручек, па муабети. Дали имам работа низ дома, никој не ме прашува.
И не е еден викенд, туку од четири викенди во месецот, три се тука. Со спиење нормално, нели, си имаат соба, маж ми Трипче им даде.
И ајде во ред да речеме и тоа. ама господава, последно време почнаа и гости да си носат. Пријатели нивни со деца, цела сурија во дворот, ние како да не постоиме. Си ги рашетуваат низ куќа, низ имањето, како тие да се стопани тука.
Претеризам е ова веќе. Што сум јас должна да гледам туѓи луѓе во двор и да ми влегуваат во купатило и кујна секој викенд? Како да не сум си дома. Штое е ова? Хотел промаја?
На овој мојов сто пати му имам речено, аха ќе му кажам на братот, аха ќе му кажам, ништо не му кажува. Ќе земам јас ќе им кажам, знам ќе се налутат, ќе ја прњиме големата, ама ова веќе не се издржува навистина.
Кога ќе дојде сабота ми се темни. Кога ќе им ги видам суратите сабајле во 8 саат, уште толку. Мир веќе немам во сопствената куќа!
П.П. Фото: Илустрација
Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама