Ме пратија моите кај тетка ми у Швајцарија за да се извлечам од „роба”, се дозаглавив тука уште повеќе

0

Се викам Иван и потекнувам од Скопската населба Карпош. Имам 32 години, а на хорс се навлеков прилично касно, на мои 26 години. Сè започна како играчка, со вовлекување на некој дим во друштво, но знаете како вели нашиот народ, од играчка, плачка.

А животот ми беше среден како што треба. Имав пристојна работа, работев во приватна фирма која се занимаваше со увоз-извоз, работев како рефернт и земав околу 20 илјади денари плата.

Моите ми имаа земено количе, Опел Корса, имав девојка, врска која траеше околу три години… И сè се урна како кула од карти.

Хорсот е евтина роба, не се потребни многу пари и мислам затоа многу од луѓето се навлекуваат. Најлошо беше кога дома ми дојде полиција за да ме соберат и кога дознаа моите.

Тие додуша се сомневаа и претходно. Моето сонливо и незаинтересирано однесување им беше чудно, но верувам ни на крај памет не им падна ова.

Девојката веднаш, после само два месеци ме откри и ми раскина. Попусто ја молев да биде трпелива и да ми помогне.

Таа одамна веќе имала вакво искуство со претходно момче, кој иако се обидувал, не успеал да се извлече. И не и се лутам, самиот сум си крив за ова што ме снајде и што ми се случува.

Родителите ме ставија пред свршен чин. Сестра на мајка ми живее во Луцерн веќе петнаесет години и ме наговараа да отидам кај неа на некое време во надеж дека ќе се извлечам.

Во спротивно, ми рекоа да ја напуштам куќата. Размислив малку и јас се мотивирав да одам, овде неколку пати се обидов да остаам тоа ѓубре, но неуспешно, правев рецидив.

Отидов во Швајцарија, тетка ми ми најде работа во едно кафуле, работев на шанк. Со терапијата која ја земав, а беше минимална, веќе и се спуштив на нула. На почетокот имав мали кризи, но ги надминав. Седум месеци бев потполни чист, не пиев ниту терапија.

А тогаш, во кафулето каде што работев дојде еден србин, кој “зимаше”, заправивме муабет, ми понуди и паднав. И повторно сè од почеток, еве и ден денес, веќе три месеци повторно земам.

Тетка ми сè уште не знае, бидејќи таа не ги препознава знаците. Очаен сум, се вртам во круг, си го уништувам животот. Но пред неколку денови цврсто одлучив, ќе престанам, морам и ќе си го средам животот. Знам дека ќе биде тешко, претешко, но ако сакам да живеам, морам да се жртвувам.

За крај би сакал да упатам еден апел, пред се до младите. Ве молам, не наседнувајте, не се осудувајте ниту да го пробате ова ѓубре. Верувајте, само два до три проценти можат да се извлечат од ова з ло.

Затоа, уште еднаш ќе повторам, во никој случај немојте да почнувате, ниту да пробате, бидејќи и само една проба може да значи навлекување од кое е тешко назад.

П.П. Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Овој текст е превземен со одобрение од редакцијата на Галама

Претходна статијаАдријана Алачки: Од 4 години меси леб, прави чорба за целото семејство, слатки (ФОТО)
Следна статијаДа одиш во Дојран, а да не си бил во „Фук Так“ е исто како да се качиш на брод кој никаде не плови