Коментарите на социјалните мрежи, во врска со третманот на позитивните на вирусот, во македонските болници се различни. тие се најчесто негативни, но акцентот е секогаш на условите во болниците, а не на персоналот.
Пред неколку денови, како позитивен пример се коментираше статусот на еден наш новинар кој живее на Малта, дека таму било бесплатно здравстсвото. Дали човекот заборавил да наведе дека се работи за државни болници, ние не знаеме, но многу е логично, секаде во светот, приватните да наплаќаат.
Оние кои живеат во Америка на пример, знаат колку многу тоа чини. И не само таму. Кај нас д-р Жан Митрев ги поефтини цените, во неговата приватна болница, сепак, во коментари му сугерираат дека требало бесплатно да лекува!
А како докторите и персоналот ќе однесат дома плата, како болницата ќе набави апарати и лекарства за болните, тоа никој не коментира.
Дека кај нас не е сè така црно, покажува искуството на Светлана Наумовска, која таа го сподели во популарната група „Ковид искуства и совети“:
„Однапред се извинувам за должината на текстот… Ако е долго, прескокнете го. На светскиот ден на здравствените работници оддавам почит и најискрено им се заблагодарувам за сите здравствени работници кои беа вклучени во закрепнувањето од КОВИД – 19 на целото мое семејство.
Имено, нашето семејство, семејството на сестра ми и моите родители овој месец со помош на здравствениот систем и безрезервна поддршка од другар(к)и, пријател(к)и, колешки/колеги, непознати кои сега ги сметам за пријатели го поминавме патот од КОВИД + до КОВИД -.
Почнувајќи од грижата на матичниот доктор Мишо, сестрата Вики и стажантката Наташа, преку матичната докторка на К&А, Драгана моето семејство помина со полесна клиничка слика.
Е сега, моите родители и покрај одличната грижа и третман од доктор Мишо и екипата, мораа да бидат сместени на клиника (татко ми на Инфективна, мајка ми на Кожно).
Условите се какви што се, но посветеноста на кадарот од специјалисти, специјализанти, до медицински сестри, физиотерапевтот (еднина, затоа што сам работи на цела инфективна(!), техничкиот персонал е неопислива, надчовечка.
Да не ја заборавам и помошта на Денис кој ни помогна за мајка ми да не вози сама до Чаир зашто ние бевме во изолација.
Моите и само моите знаат низ какви моменти поминале… Велат дека ако еден член на семејството е во болница, сите се во болница, но сега не можеш да ги посетиш, да им видиш очи, ги слушаш преку маска за кислород, претпоставуваш како изгледаат.
Се јавуваш на телефон, докторите смирени, ти ги даваат информациите кои смеат да ги дадат. Постојано ординирана терапија со инфузија, клексан, контроли на крв…
Здравството ни е на ниво на кое што е, а тоа не е од сега.
Но, големо НО, е дека во таквото здравство имаме одличен кадар, професионален кадар, мотивиран кадар, преморен кадар. Да, во Македонија! Да, на клиника! Да, меѓу матичните лекари!
Можеби имаме среќа што токму таков здравствен кадар ја водеше битката со нас, можеби сите кои што ги споменав се исклучоци, но се гордост, бесценета алка во целиот систем.
Кога почна да се наговестува дека моите родители ќе излезат од болница пресметував колку би можело да чини лекувањето, немав точна бројка, нагаѓав… Кога успешно се заврши сѐ дознав дека не требало да се плати ништо. Ни денар.
Не, не е Малта ниту замка членка на ЕУ (како што пишуваа деновиве порталите за да ги ругаат македонските болници), Македонија е! Пациентите од КОВИД – 19 се лекуваат бесплатно во државното здравство.
Капа долу за здравствените работници, за оние чии лица модреат под скафандерите, чии раце се тресат по ставени 100 инфузии во денот, кои сочувствуваат со секоја среќа и тага на пациентите, кои ги оставаат своите семејства за да работат 24 часовни смени во болниците. Ви благодарам од срце за сѐ што сторивте за нас.
Дополнително, им благодарам до облаците на моите родители што беа силни и извојуваа победа над злото, нивната сила и моивираност беа пресудни во лекувањето.
Им благодарам и на сите кои што ни се јавија со поддршка, прашање како сме, дали ни треба нешто, што пратија порака со “ве мислам”, сочувствуваа со нас.
На сите кои се борат со болеста им посакувам брзо да закрепнат, а на медицинарите им ја праќам сета сила да издржат во битката.“
Фото: Илустрација