Грција не се откажува од намерата – преговара со 10 земји околу сертификатот за имунизација

0

Многу држави во Европа сериозно размислуваат за воведување документ, кој ќе докажува дали некој е имунизиран и со тоа ќе ја избегне процедурата за негативен ковид тест. Прашањето станува актуелно, со наближувањето на летните одмори и почетокот на зголемена циркулација на туристи меѓу државите.

Шведска досега беше позната по својот „специјален пат“ во пандемијата на коронавирусот. Наместо локдаун и рестрикции, како во другите европски земји, Швеѓаните прво одеа кон т.н. имунитет на стадо, а подоцна се потпираа врз разумот на луѓето.

Таквиот однос во пандемијата беше мета на многу критики, особено поради високиот број инфицирани. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, во Шведска досега со коронавирус се заразиле повеќе од 600.000 луѓе, пренесува Дојче Веле.

Сега земјата, заедно со Данска, повторно тргнува на специјален пат и сака до лето да воведе дигитален пасош за имунизација.

Шведскиот министер за дигитален развој Андерс Игеман објаснува дека во прва линија станува збор за тоа на едноставен начин да се докаже дека лицето е имунизирано.

Такви докази би можеле во иднина да бидат важни, на пример, при патување во други земји, или на културни и спортски манифестации. Дигиталната инфраструктура за пасошот за вакцинација би требало да е подготвена до 1 јуни, а во подготовките учествуваат повеќе институции.

Данска ги обелодени своите планови за пасоши за вакцинираните пред Шведска. Пасошите би требало пред се’ да ги олеснат службените патувања. Доказот за вакцинација би се добивал преку интернет страницата на данското Министерството за здравство или преку смартфон.

Грција која минатото лето претрпе огромни економски загуби поради затворањето на земјата за туристи, за оваа сезона најавува дека најверојатно ќе биде дозволен влез на туристи со негативен тест, а оние кои ќе покажат доказ за имунизација, би имале отворен влез во земјата, без тест.

Велика Британија, САД, Австралија, Србија, Русија, Украина, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, се десетте земји со кои Грција веќе разговара на билатерално ниво за сертификатот за вакцинација, вели министерот за туризам на Грција Харис Теохарис.

Во интервјуто за викенд изданието на грчкиот електронски весник „Political“, Теохарис вели дека дигиталниот сертификат за вакцинација на билатерално ниво „ќе биде една од главните алатки преку кои ќе можеме да го отвориме протокот на туристи со разни земји“.

– Очигледно би преферирале да постои еден автоматски процес со сите земји, но под сегашните околности ваквите билатерални договори се неопходни. Имаме намера да го прошириме „моделот на Израел“ со најважните туристички земји за нас, соодветно нивниот план.

Затоа, составивме листа од 10 земји, а тоа се Велика Британија, САД, Канада, Австралија, Србија, Русија, Украина, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија и со кои веќе сме во консултации, за да можеме за кратко време да бидеме во позиција да го утврдиме форматот, видот и начинот на проверка на автентичноста на овие сертификати, вели Теохарис.

За можноста да постои договор во рамките на ЕУ, министерот за туризам на Грција објаснува дека е позитивно тоа што грчкиот предлог добива сè повеќе сојузници во Унијата и истакнува дека Грција го задржува правото сертификатот за вакцинација да биде алтернатива на негативниот тест.

– За да ги расчистиме заблудите, треба да разјасниме дека овој сертификат нема исти карактеристики како еден вид пасош, па затоа не се покренува прашање за задолжителна вакцинација за оној кој сака да патува.

Напротив, целта е да се отстрани дел од бирократијата, како што е негативниот тест пред поаѓањето. Во однос на дискусиите околу личните податоци, наједноставниот одговор е и најубедлив.

Не постои обврска да се покаже потврдата за вакцинација, секогаш постои алтернативата со негативен тест за секој што сака да патува, објаснува министерот за туризам на Грција.

Фото: Илустрација

Претходна статијаМали, трпаш голови како Панчев – Сашо Тасевски проговори за познанството со Балашевиќ
Следна статијаТажната судбина на Лепа Лукиќ: За една работа никогаш не си прости