Времето во Македонија ќе биде умерено облачно со врнежи од снег, особено во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка од 10 до 30 сантиметри, а на планините позначителна, над 50.
Заради ниските температури ќе има појава на голомразица.
Утринската температура ќе се движи од минус 10 до минус три, а дневната од минус пет до два степени.
Поради снег на коловозот, на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан од 07:15 часот е воведена забрана за движење на тешки товарни возила, соопштија АМСМ и ЈП Македонија пат.
Од 04:10 часот, забрана за сообраќај на камиони има и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Сообраќајот на државните патишта изутринава се одвива по наместа влажни коловози, со остатоци од кашест снег на коловозот.
Снег врне на Попова Шапка, во Маврово, Дебар, Охрид, Струга, Кичево и на планинските премини Стража, Буково, Ѓавато, Плетвар, Пресека и Железнец.
Поради ниските температури можна е појава на голомразица.
Надлежните апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Во Скопје слично време, умерено облачно со врнежи од снег. Утринската температура ќе се спушти до минус седум, а дневната ќе достигне до минус еден степен.
Од петок следува стабилно и суво време со ниски утрински температури, а ќе има услови и за појава на магла по котлините.