„Јас не растам само син, туку и иден сопруг и татко, а пред сè човек“: Приказна на една мајка

0

Мајките на синови често се осудувани за големата нежност која им ја пружат на своите деца. Уште почесто, наидуваат на коментари од типот дека треба да ги остават нивните деца да бидат самостојни, да не ги гушкаат и бакнуваат толку често, затоа што тие треба да „станат силни МАЖИ“.

Србинка одлучи преку текст да им објасни на сите тие луѓе зошто нема намера да престане да биде нежна и грижлива со својот син.

Преку својот текст, Кристина Митриќ испраќа порака дека ако мајките ги учат своите синови дека љубовта е неважна и им ги занемаруваат потребите, тогаш тие ќе прераснат во татковци, сопрузи и индивидуи кои не знаат да сакаат.

Еве го нејзиниот текст објавен на сајтот Детињарије.

Отсекогаш знаев дека ќе родам син. Тој е мојот универзум, мојот свет, мојата љубов, мојата радост, мојот живот, мојата сила, моите крилја и мојот сон. Бестрашен е и незапирлив. Тој е дете на природата, зелена трева, одрани колена, високи дрвја, брзина и сила. Тој е сè што јас никогаш не сум била.

Навидум недопирлив и самостоен, вистински мал волк, мојот Вук е дете полно со љубов, има големо срце и нежна душа. Душа нежна како свила, поранлива одошто посакувам, искрен поглед и топла прегратка.

Понекогаш помислувам дека премногу давам како мајка. Се прашувам дали премногу го сакам, го разгалувам и му посветувам внимание? Дали треба да му дадам простор за да копнее по мојот допир и мирис, да почувствува самотија и да посака блискост? Ми велат дека тој е момче и дека не смеам да го сакам толку многу. Мора да биде маж, да стане цврст. Кога ќе се расплаче за ситница, ги гледам погледите на другите мајки, кои ми велат: „Викај по него, не смее да плаче! Мора да биде маж!“. Истите тие мајки, истите тие погледи, покрај себе имаат мажи, татковци и синови кои не им посветуваат внимание, па можеби не им даваат ни доволно љубов и почит. Сите тие копнеат за бакнеж и прегратка. Сите тие посакуваат два збора: „Те сакам! Те сакам жено, те сакам мамо, те сакам ќерко!“

Како истите тие мажи да научат да сакаат и љубат ако им ги скратиме бакнежите и прегратките?

Како истите тие синови да ги почитуваат вашите потреби, ако вие ги туркате нивните под тепих за да станат „вистински мажи“?!

Како ќе бидат вашите ќерки среќни, задоволни и сакани, ако јас мојот син го воспитувам дека љубовта не е важна и дека се дозира со лажичка за кафе… Сакате ли да дојдете на мојата врата за да ми честитате дека тој станал маж кога вашата ќерка ќе заплаче на вашето рамо затоа што не е сакана или ценета?

Дали воопшто размислувате за тоа?

Јас не растам само син, туку и иден сопруг и татко, а пред сè човек. Не сакам да стане празен и снажен, туку одважен, самоуверен и исполнет. Љубовта која му ја пружам сакам да ја носи низ животот како штит од лошите луѓе, тешките облаци и матните дождови. Нежноста која му ја пружам, сакам да научи и тој да ја пружи и да им ја дава на оние кои вредат. Бакнежите кои несебично му ги давам, сакам да ги запамети, да ги врежи во себеси за деновите кога нема да бидам тука да му подадам ни рака, ни допир, ни збор. Едно посакувам – да научи да се цени себеси и животот кој му е даден, да не го прокоцка на празнотија, самотија и вообразеност. Сонувам утрата да му започнуваат со насмевка, а ноќите да му завршуваат со чувство на мир, среќа и исполнетост. Сакам неговиот пат да биде чист, послан со каменчиња на искрени соништа кои водат кон виножитото и рацете и душата да не му се никогаш празни. Сакам неговото срце да порасне за да може да се сака себеси и другите. Сакам да научи дека блискоста е природна како и воздухот, да не се плаши да учи, дури и ако изгуби една битка, да знае дека сето тоа сè случило за да победи во следната.

На крајот на краиштата, не е важно што ми говорат вашите очи. Не ми е важно ни што вашите усни не се срамат да ме опоменат. Не ми сте важни сите вие што размислувате поинаку. Ни книгите, ни сите списи на овој свет, не можат да ме убедат дека постои премногу љубов во едно суштество. И најважно е она што сакам да ти го кажам тебе, мое момче…

Сине, знам, ќе има погрешни љубови, губитнички денови, неправедни луѓе. Те молам само за едно, не престанувај да се сакаш себеси. Не престанувај да веруваш во љубов. Не прифаќај во животот ништо помалку од она што ти го пруживме како дете. Животот е еден, ова е излитена фраза, ама е единствената што е исправна. Ти си еден. Ти си мој. Ти си наш. Сега и засекогаш. Летај високо, скокај, не дозволувај бесцелно да паѓаш! Стани, продолжи и пркоси! Пркоси им на ветерот, на дождот, на бурата. Живеј за да го почувствуваш животот, не запирај се себеси, не скршнувај во туѓи патеки. Чекори по твојот пат и сонувај ги твоите соништа. Кога ти е тешко, прегрни го она што го носиш во душата, насмеј се, сврти се и замини си! Биди шума, густа и непокорлива, биди вода, биди оган. Биди волк!

Претходна статијаЗа Швајцарија и Германија знаеме речиси сè, но како се живее во Москва, раскажува Ива
Следна статијаНе е многу тешко да се извади работна дозвола во Шведска, треба само да се извршат неколку процедури