Македонскиот пејач, Мартин Мила деновиве објави емотивен статус на Фејсбук каде се потсети на моменти од своето детство со неговата мајка која почина пред неколку години.
– 3-то одделение, далечната 1994. Есен е, се разврна, а ние немавме ни чадорчиња ни “шушкавац” (барем така ги викавме во Куманово тогаш тие јакни шарени со капуљачи). Кога заврши последниот час, сите ко муви без глави тргнавме надвор каде имаше многу родители со чадори и такви “шушкавци” што ги чекаа децата да ги однесат дома зошто истураше.
Мене ме чекаше мама, со чадор, но сепак накисната…веројатно од колите кои ја прскале дур одела пешки. Само што се поздравив со другарите, ја видов како се стрча накај мене со насмевка: “Леееле истура! Брзо облечи го ова..”Не видов дека носи чадор за мене. “Облечи го ова”?
Ги погледнав другарчињата како им ги облекуваат шарените “шушкавци”, и, знаев! МИ КУПИЛЕ ШУШКАВЕЦ! СЕГА И ЈАС ИМАМ ШУШКАВЕЦ! Иако не беа многу скапи тие јакни шарени најлонски со две дупки за раце и капуљача, за мене беа сон, зошто немаа моите, живеевме од социјално. ШУШКАВЕЕЕЦ! YES! Во тој момент на радост, мајка ми ме погледна, со некако тажен поглед и ми рече тивко: “..Шшшшш…те молам не викај” и извади од накиснатата торба, една темна, голема кеса за ѓубре. Ја отвори.
Кесата имаше исто така дупки. За главата и рацете. Ги погледнав сите другарчиња во тој момент. Некои ми се смееа, а некои ме покажуваа. Ги спуштив рацете и реков: “НЕ ГО НОСАМ ТОА!” Таа ме зграби за рака, ме повлече, и во очите како да имаше солзи. “Престани, те молам…”Кога ја видов дека и се тресат усните, ја спуштив главата и ги кренав рацете да ме облече во “МОЈОТ шушкавец”.
Тргнавме кон дома на дождот. Цел пат бев лут! Кога ја погледнав, знаев дека тоа и се солзи, а не дождот. Никогаш не ти реков, за тој ден, ТИ БЛАГОДАРАМ МАМО, што дојде и ме скри од дождот!…и, ИЗВИНИ…мноооогу извини, не знаев колку те болело и колку било тешко!…сега знам….ама сега е доцна…Ми недостасуваш…премногу фалиш…, стои во постот на пејачот.