Проф. Трајковски: Делта сојот предизвикува поголем леталитет, но имунизираните излегуваат живи од болниците

0

Професорот по Механика од Битола, Дејан Трајковски, во својата денешна анализа на ковид бројките, на својот профил на социјалните мрежи, пишува:




„11.10.2021. Денешниот, понеделнички број на новодијагностицирани е точно еднков на понеделничкиот број две недели порано (портокаловата линија на првиот дијаграм). На истиот дијаграм станува многу очигледна асиметријата на овој летно-есенски бран.

Иако првите денови после врвот намалувањето беше речиси симетрично со зголемувањето, почетокот на учебната година прилично го забави процентуалното намалување на дневните броеви (вертикалната оска има логаритамска скала за да одговара на процентуалните промени). Седумдневната подвижна средина (зелената линија) исто така сé побавно се намалува.




Ефективниот репродукциски број Rt е минимално под единица (на вториот дијаграм), но и тоа засега е доволно за бројките да се намалуваат, иако резервата на сигурност е многу мала.

Практично како да одиме по тенка жица – мало зголемување на преносливоста поради заладување на времето или пад на ефективноста на вакцините против заразување – и веднаш ќе се најдеме во зоната на раст (Rt>1).




Уште еден, сосема очигледен доказ дека намалувањето е забавено, е преминот во хоризонтала на линијата на 14-дневната инциденца (сината линија на третиот дијаграм, во крукчето). Израмнувањето значи дека во просек (со 14-дневно усреднување) веќе немаме намалување на броевите.

Сепак, сé додека 7-дневната (брзата) подвижна средина (црвената линија на третиот дијаграм) е пониско од 14-дневната (бавната) подвижна средина (сината линија), трендот е сé уште надолен.

Се гледа дека на почетокот на септември овие две линии се споија и тогаш се чинеше дека трендот ќе се смени, но по неколку дена намалувањето продолжи.




Утрешниот број на тестови, како и бројот на нови случаи ќе биде многу намален поради денешниот празник, што ќе ги наруши сите индикатори најмалку една недела. Ќе ни остане само линијата на трендот на дневните броеви како приближен индикатор на насоката.




Последниве денови, откако кон бројот на починати започнаа да ги додаваат и смртните случаи од системот „Мој термин“, изгледа како бројот на починати да започна да расте (портокаловата линија на четвртиот дијаграм).

Се чини дека тој раст не одразува пораст на морталитетот туку само додавање на новооткриени случаи. Со земање предвид на тие дополнителни случаи, најверојатно одвишната смртност од месечните билтени на ДЗС малку ќе се приближи кон официјалната ковид смртност од извештаите на ИЈЗ и МЗ.




Овие дополнителни броеви на смртни случаи ја поткренаа стапката на леталитет, па последниве денови имаме стапка од 4,9%, многу повеќе од просекот за целото времетраење на епидемијата од 3,5%. Дури и вкупниот просечен леталитет на Делта сојот од јули до денес е прилично висок, 3,71%, при сета вакцинација.




Ова е чудно, затоа што ако знаеме дека вакцините речиси не го намалуваат заразувањето, барем би требало да влијаат на леталитетот (штом се ефикасни против смртен исход).




Можеби одговорот лежи во фактот што најголемиот број починати во овој бран биле од нисковакцинираните општини, па ефектот од вакцинацијата не можел да дојде до израз. Така барем кажуваат броевите на заразени и починати, вакцинирани и невакцинирани, што ни ги дава МЗ секој петок, а што не можеме да ги провериме на друг начин.




Од друга страна, можно е и самиот Делта сој да предизвикува поголем леталитет. Во една вест од Србија се вели дека вакцинираните, со помали или поголеми проблеми, сепак излегуваат живи од болниците.




Кај невакцинираните пак, откако започнал бранот на Делта сојот, практично ништо не можеле да сторат и хоспитализираните многу им умирале. Можеби ова е вистинската причина за зголемениот леталитет и кај нас во овој бран, но тоа би можеле да го кажат самите доктори од ковид-болниците.“

Претходна статијаОткако го открив овој рецепт, тиквичките веќе не ги пржам – нешто највкусно што сме јаделе досега
Следна статијаСе огласи Синоличка Трпкова и раскажа многу лична, емотивна приказна (ФОТО)