Д-р Нико Беќаровски одлучи да ја напушти групата во која се разменуваа искуства за вирусот

0

Од почетокот на пандемијата кај нас, некаде во месец март минатата година, неколку доктори се обидоа, со своето знаење, да им помогнат на граѓаните и да им ги разрешат нивните дилеми, најпрво околу самиот вирус, како да се заштитат и да ги препознаат симптомите.




Бројни беа настапите на професорите д-р Драган Даниловски, д-р Никола Пановски и д-р Нико Беќаровски, не само на телевизиите, туку и на социјалните мрежи, но и во приватни пораки. На секој начин, тие беа ставени на располагање на медиумите, кои сакаа да им пренесат коректни информации на граѓаните.




Оваа практика продолжи и по стартот на имунизацијата, кога граѓаните имаа уште повеќе дилеми, дали да се вакцинираат доколку се алергични на пеницилин, на некои намирници, дали да се вакцинираат доколку имаат некои хронични заболувања и.т.н.




Докторите во секоја прилика повторуваат колку е важна имунизацијата, бидејќи само преку масовна вакцинација, може да се стигне до потребниот колективен имунитет и да се запре пандемискиот вирус.




Но, за жал, се појавија многумина на социјалните мрежи, кои овие доктори почнаа да ги нарекуваат платеници, кои ги терале да се имунизираат. И не само тоа, се оди со лични навреди, дискредитации, мешање на семесјтвата, човек да неможе да си поверува, што сè ќе прочита во коментари.




Прв на социјалните мрежи се огласи професорот Даниловски, кој напомена дека она што го прави секојдневно на медиумите е исклучиво од човечки и високоморални причини. А како впрочем и да биде, кога се знае дека почитуваниот професор е во пензија и не е на платен список на ниту една институција.




„Проф. Даниловски, ве почитувам уште од студентските денови. Во оваа пандемија вие бевте еден од ретките епидемиолози или експерти од областа на јавно здравје, кој отворено даваше јасни насоки и препораки без никакво политичко влијание.




Само продолжете без разлика на овие тенденциозни и малициозни напади“, му напишаа во коментар на професорот Даниловски, на кого сепак, му остана мисла и чудење, како некој може и да помисли дека советите кои ги дава се поттикнати од некаква друга причина, а не од чисто стручна, заснована на Хипократовата заклетва.




Вчера д-р Нико Беќаровски, напиша статус во популарната група на фејсбук „Ковид 19 искуства и совети“, со кој ги извести членовите на групата дека се повлекува и во иднина нема да дава совети на граѓаните на кои им се преку потребни, резигниран и навреден од недоличните коментари и навреди:




„Почитувани членови на групата, За жал групава се повеќе се трансформира во место за недолични навреди и коментари, кои отстапуваат од елементарното културно однесување, поради што во наредниот период ќе се дистанцирам од било какви објави и коментари.




Голема благодарност до господинот Антони Пешев, за неговата извонредна организација и идеја, која искрено се надевам даде свој незаменлив придонес во многу критични периоди од оваа пандемија.

На сите Ви посакувам добро здравје, бидејќи во наредниот период тоа ќе ни биде најскапоценото.“




Претходна статијаШто дочекав, роден брат да не ме викне дома да каснам парче леб со него
Следна статијаМинистерот Филипче откри колкав е процентот на имунизирани, кои завршиле во болница