Мане Грличков: Кај Трифун дома, знаевме да „очистиме“ канта сирење

0

Трифун Костовски, нашиот познат бизнисмен, хуманист и добротвор, на својата страна на социјалните мрежи, продолжува да објавува спомени од неговите пријатели и другари.

Последната објава е во форма на дијалог, во кој прво неговиот другар Мане Грличков, а потоа и Костовски, го опишуваат нивното другарување: ДРУГАРУВАЊА. Мане Грличков и Трифун Костовски

„Мане: Со Трифун се знаеме еден цел живот. Моето сеќавање ги допира нашите доцни детски денови. Сеќавањата јасно го исцртуваат другарството како негово животно кредо а човекољубието беше магијата со којашто го создаваше светот околу себе.

Си спомнувам, во раните шеесетти години, кога сè уште не беше пристигнала „златната деценија“ на социјализмот, сите бевме скромни во секој поглед па и во однос на ресурсите.

Кај Трифун дома, ние другарите знаевме да „очистиме“ канта сирење, која во тоа време беше мало богатство со кое македонските семејства „презимуваа“. Другарите му беа над се … Трифун отсекогаш беше опкружен со бројни пријатели и другарите, мислам заради неговата харизматична опуштеност.

Тој мајсторски умееше обичната комуникација да ја „искали“ во долгогодишно искрено пријателство. И не само тоа, во орбитата околу Трифун гравитираа и луѓе со непремостливи карактерни разлики. Но, со својата харизматична опуштеност успеваше да ги изглади и наизглед непомирливите карактери.

Трифун со својата емоционална интелигенција креираше амбиент во кој карактерните разлики успешно се амортизираа. Ако ја погледнеме структурата на луѓето околу Трифун, најмногу бевме ние обичните луѓе, но бројна беше и фелата на посебно надарени – уметници, високопрофилирани интелектуалци како и личности од јавниот живот.

Може да се каже дека Трифун беше во постојана комуникација со своето опкружување за кое јас велам дека беше „Македонија во мало“. Во ова друштво другаруваа Македонци, Албанци, Власи, Срби, и др.

Сите сплотени под чадорот на Трифун. Сите ние сме сведоци на безброј манифестации во кои македонскиот народ ја пишуваше својата тековна историја чествувајќи ги народните обичаи и верските празници – а Трифун со радост помагаше да се одрази достоинството на овие празнувања.

Но, иако е ова само една куса белешка за Трифун од еден негов другар, ќе бидам неправеден ако не ги споменам атрибутите кои Трифун одамна ги заслужи: тој е, како ретко кој човек во Македонија, со истенчено чувство на општествена одговорност, посветеност и личен придонес во зачувувањето на духовното наследство на македонскиот народ: мецена, филантроп, хуманист, ктитор, патриот но над се – човек!

Трифун: Со Мане другаруваме од гимназиски денови во гимназијата Јосип Броз Тито. Уште како млад беше ориентиран кон природните науки, заврши на Медицинскиот факултет, специјализираше Ревматологија и важи за еден од ретко добрите и почитувани професори и практичари во оваа област.

Неговиот личен животен пат го симболизира како човек без предрасуди, како човек чесен и достоинствен, како човек во својата струка професионалец и како татко и сопруг, прекрасен.

Заедничките летувања, дочеци на Нови години, играње фудбал, тенис и со ноќи непроспиени, играјќи шах се нештата кои се длабоко врежани во мојата меморија.

По природа тих, а вистински горштаг е идеален спој за вистински маж, сопруг, родител. Не паметам во животот да некогаш подигнал глас и никој пат меѓу другарите не ги потенцираше своите квалитети кои ги поседува во себе а беа читливи за секој паметен човек.

Скромноста и хуманоста биле секогаш дел од мојот другар Мане. Имало моменти кога повеќе си бевме потребни еден на друг, можам да го изразам задоволството, дека тоа се прекрасни мигови на исполнетост кога имаш доверба во својот другар.

Ти благодарам другар и ти посакувам многу години живот пред тебе. Биди активен како што впрочем и си, биди активен бидејќи имаш многу важна мисија.“

Претходна статијаОгнен Јанески: Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен
Следна статијаТајната на Азис која до скоро беше непозната – проговори и неговата мајка