Сол на рана ставате, малку повеќе осет: Познатата писателка одржа лекција во статус

0

Статусите, но и цитатите на нашата позната писателка Ксенија Николова ги споделуваат многу луѓе кои се пронаѓаат во нив.

Ксенија Николова зад себе има три книги: „Незадоволна“, „Сите мажи ја сакаат Лиа“ и “Емотивен манипулатор“.

Неодамна, таа раскажа лична приказна од детството ги трогна и ги нетара да коментираат нејзините фанови.

– Зошто не треба и не смее секој да биде професор? Пред многу години, во едно приватно училиште за јазици, се запишав да учам германски јазик. Имав околу 12 или 13 години.

Професорката од самиот почеток се постави лошо со мене, а мене не ми беше јасно зошто. Мојот карактер е таков што јас на таквите напади се повлекувам и честопати мислам дека сум направила нешто погрешно.

Мислев дека не сум доволно добра, дека не учам доволно, дека се однесувам недолично. Навистина се трудев да ме забележи и да и’ оставам добар впечаток, но беше залудно.

Еден час, кога не можев да се сетам на еден збор, професорката ми рече: „Ете тоа е Ксенија, кога ќе те прашаат родителите зошто не си научила германски, кажи им дека не сум јас крива што си ти дебил кој не може да запомни пет букви“.

После тој час, јас се отпишав од школото. Плачев со денови, но скришно, никогаш не кажав дома, бидејќи не сакав да се жалам. Објаснив дека не сакам повеќе да го учам јазикот.

И навистина, таа професорка ми направи да го замразам јазикот и ми создаде неверојатнa одбивност. Но, не и’ поверував дека сум дебил. Денес тој „дебил“ зборува течно три јазици, а веќе и четвртиот го изучува“, напиша Ксенија.

Во една од поновите објави, таа зборува за луѓето кои постојано прашуваат лични прашања без да помислат дека со тоа можеби некого можат да повредат.

-Осет, само малку повеќе осет. И за себе зборувам, и јас некогаш не знаев и се’ уште учам. Осет при прашување, ве молам. Навистина нема потреба од: кога ова, кога
она, зошто вака, зошто така…

Навистина. Немојте да ги прашувате луѓето зошто одлучиле на одреден начин да живеат. Најчесто тоа не е одлука. Најчесто е немање друг избор. Сол на рана ставате. Не прашувајте.

А кога е избор – пак сол на рана ставате. Не прашувајте. Не ја прашувајте жената кога ќе роди, зошто не раѓа, што планира, дали ќе се мажи, дали е сама, дали е осамена.

Пак сол на рана ставате, и кога е среќна, вие ја замислувате и збунувате, и правите да помислува дека нешто тука штрчи. Не го прашувајте ни мажот за истите нешта, болката е еднаква и сомнежот во себеси исто така.

Секој се труди, секој денот го бутка. Секој со својата болка. Не прашувајте, зошто тие прашања ден уништуваат. Ма недела, ма месец! Ма живот!

Затоа што се’ уште не е измислен имунитет за глупави прашања, а уште помалку за луѓе без осет. Затоа – не прашувајте“, објави писателката.

Фото: Фејсбук на Ксенија Николова

Претходна статијаТоа беше посебна врска што долго траеше: Маја Оџаклиевска жали за загубата на драга личност
Следна статијаШто можат да проговорат Меган и Хари и што зборувале во минатото Чарлс, Дајана и останатите од семејството