Општинскиот штаб за заштита и спасување на Куманово на вчерашната седница побара од Комисија за заразни болести и Владата да достави епидемиолошка проценка на состојбата со Ковид-19 на територија на кумановската општина и да се произнесе дали досегашните преземени мерки од страна на надлежните се доволни или е потребно носење дополнителни мерки, со оглед дека бројот на заразените е значително зголемен.
На седницата на Штабот, и која присуствува и премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министрите за здравство и за образование Венко Филипче и Арбер Адеми и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, беше побарано од Владата да ја издвои Општина Куманово од рамките на општите мерки на Владата кои важат за државата, со дополнителна 14-дневна, 24 часовна изолација или како што потенцираат карантин во посебни услови, кој ќе важи од 21 април и ќе трае до 4 мај годинава, при што ќе се почитуваат донесените мерки од Владата и дополнителни дефинирани постапки во ваква состојба на штабот.
Меѓу посебните мерки кои треба да важат во вакви услови, се наведува во соопштението од седницата, се дозволи за лица ангажирани и во стопанството и институциите, пунткови за влез и излез, дезинфекција на возила, патници, транспорт на намирници, енергетски потреби за институциите кои се борат против епидемијата, доставана на храна за домаќинства, поголем број оператори кои ќе добијат дозволи.
Во условите е предвидено и да се операционализира одлуката на Владата за земјоделците и сточарите за непречено вршење на активностите, да се зголеми човековиот потенцијал во здравствени установи во Куманово.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, е заразен со корона вирусот.
-Почитувани сограѓани, драги пријатели, сега ги добив најновите резултати за новите позитивни лица во Куманово, вкупно четириесет мои драги сограѓани помеѓу кои сум и јас.
Ве охрабрувам заедно и дисциплинирано да продолжиме во борбата против оваа заедничко зло, знам дека ќе го победиме, убеден сум во тоа, ве молам за воздржаност, нема простор за паника, барам од вас дисциплина, почитување на мерките и препораките за социјална дистанца.
Ве молам, од душа и срце ВЕ МОЛАМ, почитувајте ги мерките, избегнувајте ги блиските контакти, здравјето ни е најбитно, така ќе победиме сите.
Нема простор за паника, ОШЗС ќе продолжи со својата работа во борба против Короната по препораките на епидемиолозите и стручните лица.
Чувајте ми се и мислете и на себе и на своите најблиски, мислете на сите околу вас, јас останувам со вас до конечна победа!, напиша градоначалникот на фејсбук.