Многу сакам да раскажувам за баба ми. Таа беше велика жена, начитана и многу паметна, иако немаше завршено школо. После војната работела во фабрика која денес не постои веќе. Нејзините пријателки, исто така, работеле во таа фабрика, во иста смена и седеле машина до машина.
Судбината сакала трите да живеат во иста зграда. Баба ми беше најстара од нив, па потоа тетка Донка, која од баба ми беше помлада 11 години и на крај тетка Ленка, од баба ми помлада 15 години.
Додека бев дете уживав да одам на гости кај сите три. Задолжително ми даваа слатко со чаша вода, а од креденците кои мирисаа на чисто и на нафталин, ми вадеа по некое бонбонче. “Не мораш веднаш да го изедеш, стави си го во џепчето”, ми велеа.
Секогаш си раскажуваа интересни приказни од младоста, како било пред војната, а како после неа. Честопати се расплакуваа кога ќе се присетеа на некој настан во текот на нивниот бегалнички живот и патешествијата во текот на војната.
Тоа почитување помеѓу нив, пиењето кафе во девет наутро, кога најпосле сите три беа во пензија, таа солидарност и помагање…не можам да ви го опишам.
Баба ми беше најстара и често страдаше од некакви болки, настинуваше и беше лошо…
А тие двете секогаш доаѓаа да и помогнат, па дури и преспиваа покрај неа, за да бидат сигурни дека нема да и се слоши сред ноќ.
Нивните деца им беа како родени браќа и сестри, па и ние внуците имаме сосем коректни и другарски односи.
Кога баба ми нè напушти, нејзините две пријателки плачеа, мислам дека повеќе од сите нас роднините.
Една година подоцна, нè напушти и тетка Донка, а денес е жива само тетка Ленка.
Дојде кај мене во стан, а јас сега живеам во станот на мојата баба Марија, се приближи кон ѕидот и кога ја виде сликата од нив три, многу се расплака. Ова е доказ дека постои вистинското пријателство!