Ниту еден од ковид-позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
По направените анкети со пациентите, посочуваат од Министерството, утврдено е дека никој од нив не примил ниту една доза вакцина, односно ниту се вакцинирани, ниту ревакцинирани.
–Од вкупниот број позитивни пациенти, кај кои е утврдено присуство на делта сој, само еден е во многу тешка состојба. Станува збор за пациент, кој осум-девет дена откако појавил симптоми на ковид-19, одбивал да оди на лекар и бил во домашна изолација, информираат од МЗ.
Во моментов, додаваат, се вршат епидемиолошки анкети на останати членови од семејството на двајца од хоспитализираните пациенти, кои живееле во заедница и можно е да се утврди и кај нив присуство на „индиски“ сој на вирусот..
Министерството за здравство апелира до граѓаните за што помасовна вакцинација, како и придржување кон основните препораки за заштита од ковид-19.
– Сите вакцини со кои располагаме се безбедни и ефикасни и се единствениот начин за заштита од ковид-19, наведуваат од МЗ.
Денес на социјалните мрежи со статус се огласи Горан Кунгуловски, раководител на генетската лабораторија при клиниката Жан Митрев:
„Денеска се потврдени 6 случаи (4 во Јавно здравство и 2 во Жан Митрев клиник) позитивни на делта варијантата на SARS-CoV-2.
Голем број на студии досега укажуваат дека овој сој на SARS-CoV-2 се пренесува побрзо од алфа сојот (барем 50%), а претходно алфа сојот се пренесуваше барем 50% побрзо од D614G сојот кој пак се пренесуваше за 20-30% побрзо од изворниот Wuhan-ски сој.
Има големи шанси делта да стане доминантен сој во светот, Европа, па и Македонија во наредниве неколку месеци. А тешки месеци ќе бидат, посебно за невакцинираните и непрележаните.
За да ги направиме малце полесни овие неколку месеци, треба да знаеме дека:
1. Вакцините сеуште ја добиваат битката и со новите соеви. На голем дел од нив им се намалува ефикасноста, но истата е доволна за да се неутрализира и сузбива пандемијата. Вакцинацијата ни е најсилната алатка во борбата.
2. Вирусот еволуира со тоа што се дели во својот домаќин. За да престане да еволуира и да прераснува во нови форми (за коишто можеби тековните вакцини нема да може да помогнат), треба да престане да се дели – а за да престане да се дели треба да престане да скока од еден домаќин (човек) на друг.
За да престане, треба да се стесни ланецот на трансмиција. Тоа се прави со вакцинирање и следење на рестриктивни мерки (на сите ни е преку глава од истите, ама мораме).
3. Откако ќе се вакцинира голем дел на населението (се надевам), а и многу порано ќе треба да се спрема стратегија за вакцинирање со booster доза (но моментално тоа е секундарно).
Луѓето да се вакцинираат, одговорните прво да набават доволно високо ефективни вакцини и второ да спремаат стратегија за вакцинација со booster дози.“