Статусите, но и цитатите на нашата позната писателка Ксенија Николова ги споделуваат многу луѓе кои се пронаѓаат во нив.
Ксенија Николова зад себе има три книги: „Незадоволна“, „Сите мажи ја сакаат Лиа“ и “Емотивен манипулатор“.
Во една од поновите објави, таа зборува за луѓето кои постојано прашуваат лични прашања без да помислат дека со тоа можеби некого можат да повредат.
-Осет, само малку повеќе осет. И за себе зборувам, и јас некогаш не знаев и се’ уште учам. Осет при прашување, ве молам. Навистина нема потреба од: кога ова, кога
она, зошто вака, зошто така…
Навистина. Немојте да ги прашувате луѓето зошто одлучиле на одреден начин да живеат. Најчесто тоа не е одлука. Најчесто е немање друг избор. Сол на рана ставате. Не прашувајте.
А кога е избор – пак сол на рана ставате. Не прашувајте. Не ја прашувајте жената кога ќе роди, зошто не раѓа, што планира, дали ќе се мажи, дали е сама, дали е осамена.
Пак сол на рана ставате, и кога е среќна, вие ја замислувате и збунувате, и правите да помислува дека нешто тука штрчи. Не го прашувајте ни мажот за истите нешта, болката е еднаква и сомнежот во себеси исто така.
Секој се труди, секој денот го бутка. Секој со својата болка. Не прашувајте, зошто тие прашања ден уништуваат. Ма недела, ма месец! Ма живот!
Затоа што се’ уште не е измислен имунитет за глупави прашања, а уште помалку за луѓе без осет. Затоа – не прашувајте“, објави писателката. Во една од своите понови објави, таа на вистински начин го опиша нашиот народ:
Луѓето овде? Тие се добри, во суштина се добри и меки – како леб. Ама тажни, намачени, затворени, херметички затворени во една дупка, која за жал не се вика пандемија. Пандемијата ќе помине.
Луѓето овде? Во срцето немаат зл-о, ама сиромаштијата и немањето избор, некогаш долева некоја чудна енергија и некои црни мисли.
Завидливи? Да, се разбира. Но, од немање своја работа, од немање свое гајле или радост, од тоа се завидливи. Во душа не се такви, животот им е таков и околностите кои тој ги носи.
Луѓето овде? Со голем потенцијал, со огромен потенцијал. И многу желби и многу надеж. Ама исплашени, навидум мрзеливи, но во суштината само исплашени од промени, од непознато и од ризик.
Луѓето овде? Кога се насмеани, мислиш светот цел се смее во еден глас. И ретко е тоа, а може да биде секој ден.
Лавиринтот е ужасен. А кога цел живот тој е идентичен – тогаш е одвратен.
Насмевката ти ја грабнува, суров човек стануваш. А меката душа како лепче – дека ја имаш забораваш“, напиша таа пред неколку месеци.
Ксенија се пофали со убава новост, успехот на нејзината книга „Емотивен манипулатор” во Бугарија. Таа на Фејсбук напиша:
-Драги мои, со голема радост сакам да ви го најавам издавањето на мојот роман „Емотивен манипулатор” во Бугарија, во издание на издавачката куќа Издателска къща Персей и Книги за всички.
Романот „Емотивен манипулатор” беше промовиран во Македонија во 2017 година, и еве после неколку години, тој го најде својот пат и надвор од нашата земја.
Многу сум горда кога нашата уметност патува, бидејќи уметноста не препознава предрасуди и граници, таа е чиста, искрена и шири љубов.
Промоцијата на романот ќе се случи на 30.06 во Културно- информативниот центар на Република Македонија во Софија со почетокот во 18:30.
Особена благодарност сакам да му укажам на господинот Plamen Totev кој со голема посветеност и труд, помогна за сето ова да се случи.“