Поранешниот Градоначалник Трифун Костовски бара од Шилегов да дозволи граѓаните да кажат дали сакаат пешачки зони во Центар

0

Центарот на Скопје ќе биде затворен за возила кон крајот на 2023 година. Градоначалникот Петре Шилегов уште во август 2019 најави дека „Рекорд“ односно потегот од Собрание до ТЦ „Палома Бјанка“ ќе биде затворен за сообраќај и ќе биде дозволено движење само на возила од јавниот превоз.

Сега вели дека овој проект ќе се реализира паралелно со воведувањето на брзиот автобуски превоз или Бас рапид транзит системот (БРТ), за кој постапките се во тек и до крајот на 2023 треба да биде пуштена првата линија од Ѓорче Петров до Ново Лисиче.

„Градот ќе влезе со целосно затворање на Мал ринг со воведувањето на брзиот автобуски превоз. Ќе биде дозволено движење само на возила од јавниот превоз, останатите ќе се движат по сообраќајниците на Големиот ринг, за што ќе биде изготвен нов сообраќаен режим.

Мораме да одиме паралелно, треба да им дадеме алтернативен начин за движење на граѓаните, па да го затвориме центарот за возила. Очекувам до крај на 2023 тоа да се имплементира, по што Скопје ќе стане град со најголема пешачка зона во Европа. Тогаш пешачка зона ќе биде потегот од Стара железничка станица до Бит пазар“, вели градоначалникот Шилегов.

Околу оваа идеја на актуелниот градоначалник Шилегов, се огласи поранешниот градоначалник, Трифун Костовски:

„Најнапред, ја поздравувам желбата за правење на повеќе пешачки зони низ централниот дел на Град Скопје, меѓутоа сметам дека оваа идеја е преуранета. Причините за овој мој став се следни:

-Отворање на јавна дебата меѓу граѓаните на Скопје со цел да се слушне и нивниот став за креирање на вакви пешачки зони.

-Не ја гледам инфраструктурата која ќе биде сервис на граѓаните за креирање на вакви големи пешачки зони при толку оскудни јавни превозни можности.

Ова го потцртувам бидејќи Градот Скопје функционира како милионски град и незамисливо е во модерните урбани средини да постои само еден вид на јавен превоз.

Најавениот пневматски трамвај е сè уште во зародиш и сè уште не ми е јасно зошто финалниот проект за првата делница за отпочнување на изградба на трамвај на делница Лисиче-Центар-Лисиче кој беше готов уште 2008 година не е земен предвид иако за овој проект беа потрошени 1,5 милиони евра, пари на граѓаните.

Трасата за оваа делница сè уште е слободна. Треба еднаш да се зафатиме и прејдеме од зборови на дела.

Верувам дека Господинот Шилегов е длабоко навлезен во генезата на вистинските проблеми на Град Скопје и затоа му советувам да им нуди на граѓаните тоа што може да го реализира и инсистирам за сите капитални инвестиции во градот да отвори јавни дебати.

Градот мора да го градиме по желба на граѓаните. Зошто Господинот Шилегов не размисли за идејата мини хибридни автобуси или вовчиња во склоп на ЈСП а ќе бидат исклучиво наменети за превоз на граѓаните во слободните пешачки зони. Ова е само идеја, не е скапа, треба анализа и секако проект.“

Претходна статијаПознатиот скопски менаџер Цајо со силна порака до браќата и сестрите кои делат наследство
Следна статијаКаролина Гочева: Знам самата да си се “увијам во поим”