Д-р Никола Пановски: Сега шу праиме?

0

Вчера Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Бујар Османи на граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје” ја пречекаа делегацијата предводена од министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто.

Покрај дипломатските средби, Министерот за надворешни работи на Унгарија, во нашата држава ја предаде и донацијата од 6.000 дози вакцини против Ковид-19, како пријателски чин на Владата на Република Унгарија.

Министерот Спасовски по предавањето на донацијата рече дека вакцините се наменети за имунизација на припадниците на Министерството за внатрешни работи, поточно за Граничната полиција.

Граничната полиција, согласно надлежностите и обврските е во поголема мерка изложена на предизвиците од актуелната глобална пандемија со Ковид-19, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во име на Владата, во свое и во име на сите вработени во Министерството за внатрешни работи сакам да изразам благодарност за донацијата која што денес ја врачи министерот Петер Сијарто.

Сакам да истакнам дека досега како Министерство, успеавме да организираме имунизација на над 1.500 наши припадници на полицијата, а со тој процес на имунизација ќе продолжиме и понатаму врз основа на планот што е изготвен во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за здравство.

Ова е уште една можност преку ваков пријателски чин да испратиме силна порака за взаемна соработка и пријателство, посочи Спасовски.

Спасовски апелираше граѓаните да пристапат кон вакцинација поради тоа што, како што истакна, само на таков начин ќе можеме до крај да се справиме со пандемијата со Ковид-19 и да се вратиме во нормалното живеење, бидејќи ако самите не се грижиме за сопственото здравје, за нашето семејство, околината тогаш многу потешко ќе биде справувањето со пандемијата и ќе бидеме изложени на дополнителни рестриктивни мерки.

Министерот Спасовски при преземањето на донацијата уште еднаш изрази благодарност до Владата на Унгарија и повика на масовна вакцинација.

По оваа донација, која во секој случај е добредојдена, се појавија извесни дилеми во јавноста, бидејќи, со вакцината Астразенека кај нас, не се имунизираат лица помлади од 60 години.

Синоќа на својот профил на социјалните мрежи, се огласи д-р Никола Пановски:

„Астра Зенека, донација од Унгарија за нашата гранична полиција, 6000 дози! Сега шу праиме? Ние нашите граѓани помлади од 60 години не ги вакцинираме со таа вакцина.

А овие за жал бајаги помлади ќе се.Како да ја искористиме вакцината, а да не ги навредиме Унгарците? Решение: нашата власт нема ништо против нејзините граѓани да се вакцинираат во странство.

Значи кај граничниот камен само еден мал чекор од половина метар во соседната држава, боцкање со Астра Зенека на граничниот полицаец (тој што боцка може да си остане на оваа страна со нозете) и веднаш враќање во својата земја.

Ем испочитувана одлуката, полицајците вакцинирани, се по пропис. Со Србија веќе имаме искуство, таму да си одат нашите граѓани, рече министерот. Тое ви е драги пријатели вистинска грижа за здравјето на своите граѓани.

Претходна статијаГрадите на мегдан, сите гледаа само во Лидија Вукичевиќ на свечена церемонија (ФОТО)
Следна статијаСузана Спасовска се прости од драг човек: Ти верував до крај