Барам работник, плата 500 евра, пријавен, платен одмор – дали да се прифати оваа понуда, или да се оди во странство?

0

Велат дека секој ден по неколку автобуси полни со цели семејства ја напуштаат нашата држава, упатувајќи се кон западно Европските држави. И овој тренд веќе не е стихиен, луѓето не одат во непознато, туку најчесто таму каде што одат имаат договорено работни аранжмани.

Помеѓу медицинарите, па и другите, најпопуларен јазик за изучување во моментов не е Англискиот, туку Германскиот. Ова особено важи за докторите, медицинските сестри и болничарите, кои конкурираат за работа во болници и домови за стари лица.

Дали ова може да се спречи. Ова е тешко прашање, бидејќи ваквиот тренд не се случува само во нашата држава, туку во цел источно – европски блок, Бугарија, Романија, Србија.

На “месара” чекав буквално половина час и уште десетина минути на каса. Кога се побунив и побарав од вработената да викне своја колешка за да не чекаме толку, ми беше одговорено:

,,Господине, немам кого да викнам. Само три колешки сме во цела смена! Сопствениците имаат отворен конкурс за вработување, но веќе никој не им се јавува на огласите.”

Погодувате и зошто. Платата на вработен во Маркет е околу 15 илјади денари. Сега секој си го прави есапот дома и дури и да отиде во Црна Гора или Хрватска, ќе земе минимум двојно пари повеќе месечно. Да не зборуваме за Германија или Швајцарија.

Полека ми станува јасно дека веќе навистина не е прашање дали, туку платите ќе мора да се зголемат. И тоа веќе не е прашање кое зависи од Владата, било која. Туку, пазарната логика ја наметнува оваа потреба.

Газдите на продавниците ќе мораат да си скратат од својата добивка и да ги поделат парите со своите вработени. Во спротивно ќе треба да ги затворат своите бизниси. Единствено на овој начин колку – толку ќе се намали трендот на иселување.

Само не знам што ќе се прави со здравството. Сметам дека тука нема да помогнат никакви интервенции од државата, бидејќи поради намалувањето на буџетските приходи, државата и нема да има простор за некој поголем маневар со кој би ги задржал своите вработени тука.

Деновиве на социјалните мрежи се појави оглас кој ги потврдува нашите тези:

,,Барам пекар за работа, плата петстотини евра, два леба за дома, К-15, платен годишен одмор, осум часовно работно време”, пишува во огласот.

Ако направиме мала анализа, што добива, а што губи пекар кога би отишол да работи во странство, заклучокот би бил дека за 500 евра плата, подобро е да си остане дома. Зошто?

Затоа што ако отиде да речеме во Германија, тој сигурно би земал од 1500 до 2000 евра плата. Но од тие пари, ќе мора да одвои околу 200 евра месечно за превоз до и од работа.

За стан, (доколку е сам, без фалимија) ќе мора да издвои околу 500 евра (доколку е со фамилија и повеќе). За јадење и комуналии минимум уште 500.

Каде му е социјалниот живот, каде е излегувањето, барем во петок или сабота. Едно пиво во ресторан или кафе-бар е десет евра.

Во огласот погоре прочитавме дека газдата на идниот работник, покрај сите услови кои му ги нуди, му дава и оброк за време на работата.

Доколку е станбено обезбеден, пекарот навистина треба да се размисли дали воопшто вреди да оди надвор од државава.

Сега, овој тренд, неминовно е да почне да се провлекува и во останатите дејности во угостителството, градежништвото, трговијата.

Секој газда, пред да почне со приватен бизнис, или оние кои веќе работат, мораат да седнат и да направат нова калкулација за евентуалната добивка, бидејќи, од својот дел, сега мораат да издвојат повеќе за своите вработени.

Доколку сакаат да продолжат да работат, во спротивно ќе мораат да стават клуч на врата.

Петар П. Фото: Илустрација

Претходна статија„Мојата трета ќерка, моето трилече што мириса на млеко“: Пере Нокаут ја опиша својата љубов кон детето (ФОТО)
Следна статијаСемејството на купче, Турунџиева го покажа внукот и објасни зошто имала среќен ден (ФОТО)