Низ социјалните мрежи почна да се шири онлајн петиција против изградба на висококатници на парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“ во централното градско подрачја на Скопје.
Во петицијата стои дека проектот е предвидено да се реализира во три фази. Во првата фаза изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ.
Во втората фаза изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри.
Во третата фаза – изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда – кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.
Порталот Само прашај објави дека без јавна дебата и спротивно на основните урбанистички правила за пристоен живот во Општина Центар тече постапката за изградба на висококатници на парцелата спроти „Холидеј Ин“.
Направена е пресметка за износот на комуналии што фирмата-инвеститор „Обновители“ на бизнисменот Зоран Антиќ и МПЦ-ОА треба да им го плати на Општина Центар и на Град Скопје.
Новинарот и сопственикот на економскиот магазин „Капитал“, Љупчо зиков, на својот профил на социјалните мрежи се огласи околу актуелните дилеми, дали треба да се гради пред Холидеј Ин:
Јас сум да се гради … да се гради и кај Холидеј ин, и кај Треска, и кај Сарај, и секаде каде треба да се гради … И на Попова Шапка и на Маврово и на Кожув!
Алоо треба да се гради, а не да се филозофира! Ние на збор сме јаки и тоа е надалеку познато … Но ние не сме добри кога треба ДЕЛА да покажеме …
Кога треба дела да покажеме за “онаквото” не не бива… Затоа престанете со приказните на Паоло Куељо – седев крај реката Педра и плачев … Тргнете бре еднаш … градете … правете нешто … не плачете …!?
Нели гледате дека сега Скопје е град на многу “чудовишта” оти е неизградено … онака мутаво е … во 21 век се палиме се уште на приказните на старо Скопје она што на среќа остана неурнато со земјитресот од 1963! Па тоа е веќе надмината тема!
Го немате тоа Скопје кое патем ви го градеја во бановината! И на Ќензо Танге му направивме превара и ништо по негов план не не изградивме!
Потоа се изгубивме во времето и корупцијата и тула не ставивме … и тоа го сметаме за најголемото достигнување!“, напиша меѓудругото Зиков.
Денеска, жителите на Ново маало пратија свој став до медиумите:
По многу реакции во јавноста за проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти Холидеј Ин, ние жителите на Ново Маало и луѓето кои си заминале од своите огништа заради немање нормални услови за живот, чувствуваме потреба да го изразиме нашиот став и да дадеме целосна поддршка на проектот.
Ова го аргументираме пред сé, со тоа што повеќе децении многу семејства живеат во услови кои не ги задоволуваат стандардите на хумано домување, дотрајани куќи, нерешено греење, калдрма и кал до колена, место за одложување на отпад на сите што ќе навратат во центарот на градот.
Изразуваме жалење што голем дел од јавноста не го разбира ова бидејќи е лесно е да се зборува од комфорни станови.
Посочуваме дека, со овој проект ќе се реши проблемот на многу семејства кои, за воља на вистината, сé уште живеат во супстандардни услови како да е 19 век или биле приморани да ги напуштат своите куќи.
Со компензацијата која ја добиваме и реализација на овој проект кој многу години беше заглавен во институционалните лавиринти, ново маалчани конечно имаат можност да добијат живеалишта достојни за 21 век.
Освен тоа, како директно засегната и добро информирана страна, сакаме да посочиме дека ова што го гледаме во медиумите и по социјалните мрежи, оние грди бетонски зданија апсолутно немаат никаква сличност со тоа што се планира.
Откако ќе се реализира проектот, овој дел на Скопје ќе има многу повеќе зеленило отколку што на оваа локација имало во последните 50 години. Скопје е главен град и репрезент на нашата држава кој мора да се развива по примерот на светските метрополи.
Веруваме дека јавноста кога ќе го види целиот проект во најголема мера и ќе го одобри, онака како што го одобруваме ние луѓето кои сме емотивно поврзани со Ново Маало, едно од најстарите скопски маала, а кое за жал иако е во срцето на градот претставува грда слика за една метропола.
Фото: Јутјуб принтскрин