Денеска беше промовирана Евровизиската песна „Here I stand“ со којашто Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија во Ротердам. Песната беше промовирана на МТВ во живо и на официјалниот Јутјуб канал на Евровизија.
Песната е работена според музика и текст на Васил, а за аранжманот и продукцијата се погрижија Борче Кузмановски и Давор Јордановски.
Музиката за песната се снимаше во студиото FAMES, со оркестар во живо, под диригентската палка на Олег Кондратенко, а нотите ги напиша Владимир Ботев.
Вокалот на Васил се снимаше во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев, а придружните вокали во Чикаго.
„Особено сум горд што ќе ја преставам Македонија со „Here I stand“, една искрена песна, во која влегувам со отворена душа и многу љубов.
Иако песната ме отсликува мене и мојата животна приказна, верувам дека ќе ги допре сите, односно ќе допре до сите нас кои сме минале низ трнлив пат, сме воделе тешки битки и повторно на крајот сме ја зачувале насмевката.
Се надевам дека пораката за верба и надеж за подобро утро ќе ни помогне заедно да пребродиме сѐ што ни се случува“, изјави Васил Гарванлиев.
За песната е изработен и видео запис на повеќе локации, отсликувајќи го процесот на снимањето на песната во студиото FAMES, дел од сцените се снимани во Даут Пашин Амам во Скопје, а во спотот се прикажуваат и кадри од Културниот Центар во Чикаго, каде Васил поминувал многу време со Детскиот Хор од Чикаго.
Спотот во Скопје го снимаа и монтираа Ѓорги Вацев и Борче Димовски од Digital Box, а режијата е на Васил Гарванлиев.
Годинава секоја земја мора да обезбеди снимка од настап во живо на својот претставник, а МТВ во дадениот временски рок успешно го реализираше овој проект во соработка со РТС ( Радио Телевизија Србија ), во едно од студијата на РТС на Кошутњак, Белград, запазувајќи ги сите пропишани стандарди на ЕБУ, кои одговараат на големината на едно музичко шоу и телевизиски спектакл каков што е Евровизија, рекоа од евровизискиот тим.
Сценскиот настап на Васил го работи искусен тим од Шведска, Тине Матулеси и Мари Рибергер, кои беа задолжени и за сценскиот настап на Тамара Тодевска во 2019-та година.
За кратко време, спотот има повеќе од 26.000 преглди и постојано расте. Спотот почнува како Гарванлиев со солзи во очите изјавува дека седнал на клавирот, и песната самата по себе му дошла.
Интересни коментари има на Јутјуб, под самото видео. „Не е мој тип на песна, но ова е апсолутно прекрасно“, вели еден. „Васил пее како да е Дизни лик, а јас Дизни принцеза“, вели друг. „Васил навистина напреднал“, „Ми гои стопли срцето“, се дел од нив.
Но, има и политички коментари од типот: Македонија е бугарска, на што е и одговорено: Пиреинска, Егејска, Вардарска Македонија цела да е и секој да ја знае!!
ВЕЧНА ДА Е НАШАТА МАКЕДОНИЈА…. Потоа, друг коментар вели: Македонија е Грција!
И на овој коментар има одговор: Абе оте -пајте се. Македонија е држава. Нека ви влези то во главата.“ Под песната има и доста коментари од Србија. „Се наежив, браво Македоинци“, вели еден. Дека ова е песна во стилот на „Убавицата и ѕв ерот“, вели уште еден необичен коментар.
Сепак, еден од најнеобичните коентари вели: Васил е машка верзија на Тамара Тодевска.
Во Тел Авив, на Евровизија во 2019 година, Васил бешее придружни вокали на Тамара заедо со Антониа Гиговска и Александра Јанева. Песната на Васил можете да ја погледнете ТУКА.
Фото: Јутјуб принтскрин, Инстаграм принтскрин