Семејството Николовски проговори за Трифун: Тој од Виена каде живееше, за нашата ќерка организираше санитетски авион

0

Пораките со поддршка на македонскиот бизнисмен и добротвор Трифун Костовски не престануваат. Но ова не се само празни флоскули, туку конкретни примери од кои се гледа дека човекот безусловно давал. Подолу две такви сведоштва:

„На свои 15-16 години, во далечната 2005 година имав среќа да запознаам еден прекрасен човек – господинот Трифун Костовски. Јас како ученик во средно угостителско училиште, бев на пракса во Град Скопје уште пред тој да стане градоначалник.

Тој не затекна на пракса и со задоволство ме задржа и ми пружи родителска љубов. За него бев и се уште сум негово дете. Најважните работи во животот ги научив покрај него, а тоа е чесно и вредно да си ја работам работата.

Во 2006 година татко ми (лесна му земја) кој имаше шеќер, изгубен вид, а на крај му откажаа и бубрезите, мораше итно да започне со дијализа. Здравствените институции во Скопје ме одбиваа со образложение дека нема слободно место. Сфатив дека ако не си близок до власта се е џабе.

Среќа што Господинот Костовски толку многу ни посветуваше внимание и љубов па требаше само да не погледне и да знае дека нешто не е во ред. Во 2006 година кога едно утре му го послужив неговото утринско кафе (капучино, кока кола и натрен) ме погледна и знаеше дека нешто не е во ред.

Ме праша и му го кажав проблемот со мојот веќе покоен татко. Тој се нафати да го среди прашањето со татко ми и тоа беше решено веднаш. Како негов стажант, келнер, бев запознаен со неговото филантропство кое секојдневно го практикуваше. Човек со сите вредносни човечки карактеристики.

Би кажал нешто и за играњето фудбал. Игравме два пати неделно и иако убедливо најмлад во лигата Диносауруси се чувствував среќен и рамноправен помеѓу пријателите на Костовски кои беа многу искусни играчи.

По натпреварите следуваше трето полувреме во некоја меана, со добра музика, опуштена атмосфера и големо друштво. Господинот, таков каков што е, е обичен човек кога ќе станев да си заминам од „третото полувреме” и ќе се поздравев со него, секогаш ме испраќаше со зборовите:

„Дете мое, знаеш дека ти си мое дете немој да имаш некој проблем, а да не ми кажеш“. После таквите зборови, си заминував среќен, бидејќи ја чуствував родителската љубов од Господинот Костовски.

Ти благодарам Господе што 16-17 години растам покрај ваков човек. Текстот го завршувам со една народна поговорка: „Подобро да ме обесат за лојалност, отколку да ме наградат за предавство“.

„Почитуван Г-дине Трифун Костовски. Следејќи ги актуелните состојби на социјалните мрежи и реакциите на многумина, не натера да се потсетиме за Вашите квалитети како хуман и благороден човек.

Кога ќе се спомне Трифун, најпрво ни се будат спомени за нашите дружби, гитари и песни низ времето. Пријателство кое нема крај.

Ние всушност сме семејство од Скопје кое во далечната 1994 година имаше здравствени проблеми со својата четири годишна ќерка. За еден месец нашите доктори не можеа да постават дијагноза, а здравствената состојба се влошуваше се повеќе.

Како родители бевме подготвени да сториме се. Но, требаше да се соберат многу средства, за што беше потребно повеќе време, а состојбата беше таква што мораше итно да се реагира.

За наша голема среќа Трифун тогаш работеше во Виена. Разговаравме со него, му ја објаснивме тешката ситуација, по што тој веднаш организираше сè што е потребно за нашата ќерка итно да биде префрлена во болница во Виена.

Бидејќи беше без дијагноза не можеше да ја префрлат во ниту една специјализирана клиника, затоа ја сместија на детска интензивна нега во општата болница.

За транспортот од Скопје до Виена исто така се погрижи Г-динот Трифун. Беше организиран санитетски авион во придружба со доктор и медицинска сестра од Виена. Лекувањето таму траеше седум недели, успешно се заврши и по неколку контроли нашата ќерка беше излечена.

Ретки се вакви луѓе, кои имаат за себе, но делат и со другите. Ваквите вредности кај луѓето никогаш не се губат, затоа и не се забораваат.

Големината на човештвото не е да се биде човек, туку да се биде хуман! – Махатма Ганди. Со почит, Семејство Николовски.“

Претходна статијаМери Јордановска: На душа носите многу животи
Следна статијаВојо Цветановски: Откако му направија ехо докторите останаа збунети и го викнаа татко ми преку разглас