Син ми живее во Германија, а ќерката во Прилеп – се мислам да му ја препишам куќата на непознат човек што ќе сака да ме догледа

0

Ова некој да ми го кажуваше кога бев млада, немаше ни во сон да поверувам. Ние бевме едно среќно и семејство за пример. Станбено ситуирани, со солидни месечни примања. За нас соседите имаа обичај да речат дека сме од оние „добро зафатените“ семејства.




Мажот ми работеше во Цементара, а јас бев шивачка во „Црвена Sвезда“ во Кисела Вода. Живеевме и јас сè уште живеам во Кисела Вода, на граница со Припор, каде имаме куќа. Куќата не е којзнае колку голема, но солидна е и добро одржувана, на убава локација.




Детето ми замина во Германија пред околу девет години. Тој на времето извади бугарски пасош и замина да работи во градежништво, бидејќи овде веќе имаше стекнато некакво искуство, но слабо заработуваше. Подоцна ја повлече и девојката, со која подоцна се ожени.




Тие се средени, имаат две дечиња, а оваа година купија и стан. Синот последните пет години работи како гипсар и веројатно добро му оди. Снаата не знам што работи, на некоја лента нешто. Не е ни важно. Она што за мене е најважно е да се здрави. Добро им е..




Ме имаат викано многу пати, ама ми е шубе во авион, па немам отидено. Се мислевме еднаш со мажот ми дури беше жив да одиме со автобус, ама не отидовме. Тие знаат и да се подналутат, зошто ете, мајката на снашката оди нонстоп им ги чува децата, ама јас сум стара веќе. Зар сега близу 70 години да се закревам по патишта…




Ќерката ми се омажи во Прилеп пред околу пет години. Добра е и таа, мажот и работи со татко му, имаат некоја лимарска работилница, а ќерката не работи ништо, се грижи за дома и ги гледа децата. Не успеа на времето да најде нешто соодветно, па сега домаќинува.




Кај нејзе одам почесто, блиску е Прилеп ене го каде е. Ама ми е мака искрено, не можам веќе да патувам.

Друго ми е зборот. Дури беше жив мажот ми, некако безгрижно се чувствував, имав и друштво што се вели. Брачните сопружници на старост се и другари и брат и сестра и сè. Но откако тој се упо кои веќе ништо не е исто.




Децава мои многу ретко доаѓаат. Синот е далеку и многу зафатен со работа и обврски. Идат еднаш на две години, ретко секоја година, не можат да си ги усогласат одморите. Ќеркава е во Прилеп, ама и таа како да е во Германија, ретко доаѓа за Скопје да ме посети.




Мене почнаа да ме навјасуваат болести. И сега си велам, што ако паднам, да не можам да се грижам сама за себе. Нели, може да дојде таква ситуација. Синот зар ќе дојде да ме гледа? Не може и да сака. Треба работа да напушти. А семејството, жената, децата…




Ќерката исто така. Таа може да дојде на ден, два три, ама не може да се пресели тука, фамилијарна си е во Прилеп. Лоша е староста и тажна. Сама сум оставена, буквално. И не им забележувам, не им се лутам, да не бидам сфатена погрешно. Тоа е, судбина, таков дојде животот.

Сега, многу често помислувам кога размислувам што би било кога би било, ми доаѓа идеја да најдам некој млад брачен пар, или некоја жена средовечна која би можела да се грижи за мене, да живее со мене. Да ми погала околу пазарењето, околу грижата за домот…




Секако, би и ја препишала куќата, па колку сака нека се лутат децата. Не треба да се лутат, бидејќи другата варијанта за мене би била да одам во дом. Не дека ми е некој баук домот, ама зошто да одам таму кога си имам сопствена куќа.

Но сè уште не сум се одлучила, така да би апелирала до вас, да не се објавува моето име. Не знам, прво сакам да позборувам со децата. Ете да видам и тие што имаат да кажат. Но едно е сигурно, јас сум сè постара и сè понемоќна. Тоа е животот.

Обработи: П.П.   Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама

Претходна статијаТалат од Преспав се качи на трактор, ќе менува професија (ФОТО)
Следна статијаЌерката на Балашевиќ Лола, објави постара снимка и емотивно го „здрма“ Балканот