Утринава кога се разбудив сè уште беше темно, врнеше ситен дождец и ми се чинеше дека најубавото место во светот е токму мојот кревет. Не сакав да го напуштам тоа место, но за жал, морав.
Морав поради сите оние сметки, храна, школарина и уште многу други работи. И додека си го миев лицето се погледнав во огледало и помислив колку сум глупава што не сум се омажила богато.
Тогаш се сетив на сите оние жени кои имале време да напишат дури и книги, иако биле неписмени. Или оние кои дизајнираат облека за свадбата на други паметни невести.
На оние што одат по хорови и не пропуштаат концерти, што имаат разни хобиња, на оние што секојдневно се излезени од дома по фризери и козметичари и секојдневно се дружат со пријателките или љубов-никот. Тогаш се сетив и на една стара анегдота која се кажува како виц, а чиста вистина е:
“Си била една млада невеста која заминала на пазар да купи домати. Веднаш ги здогледала убавите, црвени плодови од тезгата на една стара бабичка, па поитала кон нив пресреќна оти нашла убави домати за ручекот.
Кога прашала за цената, многу се изненадила од превисокиот износ кој и го кажала бабичката. Разочарано и се обратила на бабата: “Многу ти се скапи домативе бабичке!”, а таа и одговорила:
“Не се скапи моиве домати невесто, туку ти сиромашко си се омажила!”… И така подготвувајќи се за напорниот работен ден, потонав во сопствените мисли.
Јас секогаш бев со некои шармантни и несфатени мажи, имав и еден италијански грод кој го оставив бидејќи имаше нешто кај него што многу ми идеше на нерви. Сега точно знам на што им завидувам на тие жени, чиј најголем проблем им е тоа што живеат во куќа или стан десетпати поголем од моево двособно станче.
Тие сигурно утринава не ги разбудил будилникот уште во темна зора, туку си истанале во својот топол кревет најрано до 10 часот, а потоа се излежувале во него и пиеле кафе до 12, што јас ете, не можам да си го дозволам.
Немаат никој на работа што ќе им ги кине нервите, не живеат на четврти кат без лифт и не се качуваат по триста скали секој ден натоварени со по три-четири кеси во секоја рака и со душата во врат и нос.
Тие своето тело си го затегнуваат во приватни теретани со приватни тренери, не подигнуваат кредит за да одат на летување кој потоа го отплатуваат две години, летуваат и назимо и налето.
Имаат викендици на некој егзотичен остров или на планина или покрај море или езеро. Таму тие креативно се остваруваат, сликаат и ги пишуваат оние глупави книги, вежбаат јога и си пијат шампањ и размислуваат како животот не е фер и дека постојано им недостига љубов. Да, тие се постојано некако тажни, неисполнети, меланхолични и тврдат дека животот не бил фер.
Имаат бања со величина на мојата дневна соба, со туш кој излегува од плафонот. На најдобрите пријателки им подаруваат скапи подароци, па дури и автомобил и не велат “ми должиш за роденденот”.
Тие не мораат ништо, а можат што ќе им се посака. Единствениот труд кој го вложуваат е оној во себе, вложувањето во себеси и толерирањето на бившите или идните сопрузи.
За разлика од овие жени, кога тие се превртуваат во својот мек и удобен кревет, на некоја друга жена која е убедена дека сè може и сака сама да направи, и се појавува нова брчка, тахикардија, и заигрува окото, се буди штитната жлезда… и се прашува: кој е тука всушност глуп?
Сфаќам дека никогаш нема да излезам од нечиј приватен авион со добра фризура и ми текнува на коментарот на една моја добра пријателка, кога на еден ТВ-програм се емитуваше пораѓајот на една позната пејачка.
Рече: “Не сум јас она, не сум се омажила богато, немам собарка, бебиситерка и куп домашни помошнички за да се грижат за моите деца, домот и мажот, па и јас можам на работа и пеејќи на пораѓај. И уште вели дека е храбра.
Не драга моја, не си ти храбра, ти си паметна, бидејќи добро си се омажила и тоа досега добро пласираш. Храбри се оние кои живеат и раѓаат деца во оваа наша земја, зад камерите.”
Фото: Илустрација