Поранешниот министер за здравство, а сега актуелен градоначалник на Општина Гостивар, Арбен Таравари на социјалните мрежи се огласи и го напиша следново:
Вакцина и за политиката
Пандемијата со себе предизвика и нешто (не)очекувано, еден вид аполитизација или замрзнување на политичката динамика.
Не е дека немаше обиди за политизација на кризата и собирање политички поени преку осуда и обвинувања на политичките противници. Но, како што злото почна да зазема сѐ поголеми размери, таквите страсти, барем до некаде, се стишија. Јавните настапи станаа сѐ поретки.
Пандемијата сите ги затвори дома, па така и оние што редовно парадираа на политичката сцена со јасни и гласни амбиции да војуваат за (не)заслужените рангови во политиката. И сега само се молат за спас и враќање во деновите на славата.
Сфативме дека парите не штитат од КОВИД-19, власта не создава никаков имунитет против смртоносниот вирус, заканата е еднаква за сите, било тука, било во Исланд, било за министер или за невработен.
Секако дека животот еден ден, се надевам наскоро, повторно ќе се врати во нормала. Но, дали таа нормала ќе се случи и на политичката сцена?
Не сакам да мислиме дека политиката ни е суспендирана. Напротив, таа можеби сега добива друго лице, но прашањето е што ќе се случи откако ќе го тргнеме сегашниот превез и маска. Кој ќе ја заслужи довербата на граѓаните? Како оние на кои што ќе им се довери моќта ќе ја (од)играат својата улога?
Народот е многу повеќе од освестен, оваа криза го затвори во домовите, но не им ги затвори умовите на луѓето. Тие знаат дека политиката не смее да биде најпрофитабилен бизнис.
Единствената причина за луѓето да ја доверат моќта некому е нивната верба дека тоа е цената што ќе ја платат за колективната безбедност.
Излегувањето од пандемијата треба и ќе биде почеток на еден нов систем, во којшто нечесноста, неморалот и нехуманоста ќе бидат казнети и отстранети.
Виролошкото и епидемиолошкото знаење во овие времиња е, секако, клучно, но се покажува и докажува дека голема улога играат и политичките размислувања и постапки.
А, во меѓувреме, додека се трага по решенијата за лек против овој вирус на светско ниво, на тест е, а и треба да биде и политиката. Како сечија, така и нашата! И државата треба да се ‘вакцинира’ за превенција од различни опасни вируси што може да ги зарази нејзините органи