Најголемиот ниско-буџетен превозник во Централна и Источна Европа, Визер, денеска објави дека рутите за Милано (MXP), Тревизо (TSF) и Бергамо (BGY) ќе бидат суспендирани, поради затворањето на северниот дел на Италија, со цел да го спречи ширењето на Корона вирусот.
Летовите од Скопје и Охрид кон горенаведените италијански градови ќе бидат прекинати до 3 април.
Патниците кои имаат направено резервација во овој период ќе бидат автоматски известени и ќе бидат сместени на алтернативни рути во најрано можно време.
Сите оние кои имаат букирано директно на wizzair.com или на мобилната апликација на авиокомпанијата ќе добијат известување на нивната електронска пошта, каде ќе им биде понудена бесплатна повторна резервација, целосен повраток на нивните средства или 120% повраток на цената во кредити.
Патниците можат да одберат помеѓу горенаведените опции со кликнување на линкот на нивната електронска пошта и лесно да ја одберат најдобрата опција преку нашата платформа за само-користење.
Патниците кои имаат резервирано преку туристички агенции – вклучувајќи ги онлајн туристичките агенции – треба да стапат во контакт со компанијата преку која ги купиле нивните билети. РУТИ SKP – MXP SKP – TSF OHD – MXP.
Пред неколку дена беше објавено дека патниците што во земјата доаѓаат со авиокомпанијата „Визер“ од Милано и Венеција уште во авион ќе пополнуваат прашалник со податоци за нивно полесно лоцирање доколку кај некој патник по слетувањето се појават симптоми на коронавирус.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денес извести дека веќе имаат договор со авиокомпанијата.
„Патниците со ‘Визер’ од Милано и Венеција ќе пополнуваат здравствена локатор-карта, што ќе овозможи добра контрола и следење на патниците. Тие ќе остават податоци за тоа на која адреса престојуваат и доколку по неколку дена се јави некој патник со симптоми, многу лесно ќе биде да ги најдеме сопатниците од авионот, особено сопатниците што седат неколку реда пред и зад тој патник во авионот, во согласност со алгоритмите“, рече министерот Филипче.
Прашалникот што ќе го пополнуваат патниците во авионот е воведен како чекор за зголемување на контролата за заштита од вирусот.
Забраната за одржување јавни собири останува до петок кога, во зависност од состојбата, ќе се донесе нова препорака.
Филиче извести дека во изминатото деноноќие немало нови пациенти коишто се тестирани за коронавирусот освен тројцата за кои веќе беше објавено дека им беше направен тестот и резултатите покажале дека немаат коронавирус. Двајца од нив беа од Италија, а третиот од Шпанија, престојувал во тамошните болнички установи заради друга здравствена причина. Кај сите тројца имало индикација за тестирање и тестовите биле негативни.