„Камионот на смртта“, во кој се пронајдени 39 лица од кинеска националност на југот на Англија, предизвика големо внимание во светската јавност, пренесува „Вечерње новости“ цитирајќи светски медиуми.
Во камионот што го возел Мо Робинсон од Северна Ирска се наоѓале 38 возрасни лица и еден тинејџер. Луѓето тргнале во потрага за „подобар живот“ во Велика Британија од Белгија, а доживеале многу тешка и сурова смрт. Нивната агонија траела со часови поради тоа што биле затворени во ладилник, и без шанса некој да ги слушне нивните повици за помош.
Постојат сомненија дека тие замрзнале во „апсолутно ужасни“ услови, пренесува „Дејли меил“. Ескспертите сметаат дека температурата во приколката за ладење била пониска од -25 степени.
Пред откритието дека во камионот се наоѓаат 39 луѓе, тие внатре се наоѓале најмалку 15 часа, додека вратите на камионот не биле отворени на еден индустриски имот во Есекс, каде се дознава за случајот.
Првите истраги покажуваат дека 39 тела во приколката-ладилник пронајдена во Есекс се кинески државјани, пишува Би-Би-Си. Полицијата за сега нема дадено официјален коментар. Претставници на амбасадата на Кина во Англија веднаш се упатиле во Есекс.
Возачот Мо Робинсон е уапсен брзо по шокантното откритие, а полицијата вчера вечер изврши и претрес на двете негови куќи. Меѓутоа, се уште не е познато дали Робинсон знаел дека мигрантите се наоѓаат во неговата приколка.
Се води и поширока истрага со која треба да се утврди поврзаноста со бугарскиот град Варна, во кој камионот е регистриран во 2017 година, за да се открие дали станува збор за ланец за шверц на мигранти.