Во недела е Благовец – ова задолжително мора да го направите и знаете

Празник на радосната вест и на пролетната убавина. Именден празнуваат: Благоја, Благојка, Блаже, Благица итн.

Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, односно на 25 март – според стариот календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и сл. и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица и тн.

Светото предание раскажува дека еднаш додека покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел“, возбудена помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените“.

Кога Света Дева Марија помислила: „Каков ќе биде овој поздрав?”, ангелот и рекол: „Не бој се Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.

На тоа Марија зачудено прашала: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?“, на што ангелот и одговорил: „Светиот дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени, па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече син Божји„. (Лука 1/27-35).

Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест, што се празнува точно девет месеци пред Божик. Но нема попрецизни податоци од кога се празнува овој празник. Се знае сигурно дека се празнувал во 7 век, но некои сведоштва укажуваат дека тој се празнувал и неколку векови порано.

Така, на пример, постои податок дека во Назарет постоела црква во спомен на Благовест што ја подигнала царицата Елена на местото каде што се случил настанот свето Благовештение.

Има и друго сведоштво дека во Назарет точно на местото на кое Архангел Гаврил и ја пренел на Богородица радосната вест била подигната црква во спомен на тој настан. А ако имаме цркви посветени на овој настан, зошто да не претпоставиме дека имало и празник посветен на светото Благовештение, уште повеќе што овој настан отсекогаш имал значајно место во животот на христијаните.

Значи, поточно би било ако се рече дека почетоците на овој празник датираат од крајот на 4 или почетокот на 5 век, а сигурни податоци за неговото празнување имаме од 6 и од 7 век.

Свето Благовештение, или Благовец е еден од празниците кои има карактер на масовно прославување меѓу народот. Еминентниот универзитетски професор , д-р Ратомир Грозданоски, прави целосен теолошки пресек на овој прзник. Од историјата, преку значењето, терминолологијата, богосложбата.

Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвете Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка. Таков е и овој празник. Со право некои го сметаат и за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица постанала Божја мајка.

Името на празникот

Благовештението е истоименито со Евангелието. Тие носат исто име. Евангелие е Благовестие, Благовештение. Празникот така и се нарекува на грчки јазик: Евангелизмос (JO Eujaggelismov~), а на старомакедонски (црковно-словенски) јазик: Благовештение(BlagovyÃen·e). Составено е од два збора: блага + вест, радосна вест.

Полното име на празникот е: Благовештение на Пресвета Богородица. Се сретнува, обично во руски и црковно-словенски богослужбени книги и како Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија.

Бил именуван и како: Благовештение на Марија од ангелот, Зачнување Христово, Почеток на искупувањето, Почеток на спасението, Благовештение за Христа, а во ВИИ век е усвоено името: Благовештение на Пресвета Богородица.

Благовештение го празнуваат и Источната и Западната црква.
Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден.

Благовец – празник на мајките

Благовец е празник на Божјата Мајка, а според старата црковна традиција е и празник на сите мајки – Денот на мајките. Новото нецрковно време го заменуваше со празнувањето на 8 Март, па се подзаборава дека Благовештение е празникот на мајките.

На Благовец е денот на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
Денес, бакнете ја мајка ви!
На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените.

Именден

Именден празнуваат: Благој, Блаже, Блажо, Благин, Благомил, Благомир, Благовестин, Благун, Евангел, Вангел, Блага, Благица, Благана, Блажена, Благојка, Благуња, Благодатка, Благовеста, Бонка, Вангелија, Евангелица и др.

Датум на празникот

Празникот Благовец е секогаш на 7 април (односно 25 март, по стар стил). Датумот не го менува и е од групата на постојаните празници.

Постојат две причини за поврзувањето на Благовец со овој датум: Првата е поврзаноста со Божик, а втората, со создавањето на човекот.

Уште од древноста, секогаш се празнувал на овој датум. Благовец е строго поврзан со Божик. Се празнува точно девет месеци пред Божик. Неговата поврзаност со Христовото раѓање не му дава да биде изместен, бидејќи тој е датумот на зачнувањето (7 април / 25 март с.к.), а девет месеци потоа е Раѓањето на Господа Исуса Христа (7 јануари / 25 декември с.к.).

Врската, пак, со создавањето на човекот ја поставиле некои црковни писатели кои велат дека Благовештението и зачнувањето на Исуса Христа се случило на истиот датум и во тој ден кога бил создаден човекот. Бог го создал човекот без грев, но тој згрешил и требало да биде пресоздаден во истиот ден кога бил првпат создаден, а тоа е денот Благовец – кога започнува искупувањето на човекот.

Во третиот век, на Запад се појавиле пресметувања кои, според римскиот календар, посочуваат дека 7 април/25 март е денот на распнувањето на Господа Исуса Христа. Потоа, се мислело дека токму на тој датум Христос воскреснал. А сега многу ретко може да се совпадне празнувањето на Велигден со овој датум и кога тие ќе бидат заедно, во ист ден и Благовец и Велигден, тоа се вика Кириопасха.

Благовец останува на својот датум за празнување, но Велигден е подвижен и може да го доведе празникот Благовештение во ист ден со него или со другите подвижни празници.

Благовец се празнувал уште во ранохристијанската црква и традиција. Зачувана е прекрасна беседа од свети Атанасиј Велики, од ИВ век, во која вели дека Благовештение е првиот празник во редот на празниците, бидејќи е почеток на домостројот – на планот за спасение на луѓето. Слова за Благовештение, од истото време, имаат и свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики и свети Григориј Богослов.

Првите празници во христијанството се поврзани само со Исуса Христа, бидејќи сè било сконцентрирано кон Спасителот, Којшто бил во центарот на сите славења и спомени. Потоа, се прошириле празниците и кон Богородица, меѓу кои е првенствено и празникот на Христовото воплотување, зачнување и отелотворување – празникот Благовештение.

Во петиот и шестиот век се појавиле еретички – погрешни учења за Богородица и за воплотувањето на Господа Исуса Христа, но тоа не го намалило празнувањето на Благовештение, туку напротив, уште повеќе се засилило ова празнување. Црквата и со празникот се борела против лажните учења, а ги збогатила содржините на богослужбените текстови со докази и со воспевања за боговоплотувањето и за Богомајката. Тоа, пак, најубаво и најмногу го направил свети Јован Дамаскин, во VIII век.

сторија и празнување

Света Дева Марија уште како мала, само на тригодишна возраст, ја однеле нејзините родители во храмот, за да Му служи на Бога, бидејќи така беше Му ветиле на Бога уште кога Го молеле да им даде дете. Таа останала таму цели 12 години и кога наполнила 15-годишна возраст, таа не смеела повеќе да остане во храмот, туку требало да се сврши и да стапи во брак. Таков бил Законот. Но, нејзиниот одговор бил поинаков и таа рекла дека не сака да се мажи, туку сака да Му се посвети на Бога.

Тоа ги збунило свештениците и додека тие се чуделе што да прават, а да не го прекршат Законот Божји, ете, Бог му открил на свештеникот Захарија, таткото на свети Јован Крстител, да повикаат дванаесет мажи од Давидовото колено, кои немаат жени и од нив да го одберат оној кому ќе му ја доверат Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и дадениот завет, а ќе се грижи за неа. Бог одбрал да му ја дадат на Јосифа од Назарет, којшто и бил роднина и на поголема возраст. Тој бил претходно оженет и имал деца со починатата жена, кои биле возрасни колку Марија. За него ја свршиле и таа продолжила да живее и во неговиот дом, исто како да е во Соломоновиот храм. Времето го минувала во молитва, читање на Светото писмо, богомислие и ракотворство: везење, плетење, ткаење и сл.

Blagovec 5Од дома не излегувала и световните работи не ја интересирале. Малку зборувала, а никогаш без потреба. Најмногу другарувала со ќерките на Јосиф. А кога се исполнило времето, Бог го извршил ветувањето и го испратил архангелот Гавриил да и каже дека таа ќе е Божјата Мајка.

На овој ден, девет месеци пред Божик, на света Дева Марија и се јавил архангелот Гавриил и и ја кажал радосната вест – благовестието: дека таа ќе Го роди Спасителот на светот, ќе Го роди Бога во тело. Таа блага вест е светото Благовестие дека таа Го примила во своето пречисто тело, телото на Бога Кој се воплотил – зачнал во нејзината утроба. Оттогаш таа постанува Богомајка.

Црквата го посветува овој празник на Благовестието и на Богозачетието. Тоа е почеток на спасението. Почеток и на Евангелието. Таа вест е првото Евангелие = Благовестие, блага вест, радосна вест за спасението.

Химната на празникот, основната песна, тропарот, вели: Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на вечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева и Гавриил благодат благовестува. Затоа и ние со него да и воскликнеме на Богородица: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!“

Величанието, пак, воспева, велејќи: Со архангелски глас ти пееме, чиста: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе!“ „Благодатна“ значи облагодатена, полна со благодат.

Настанот го опишува и Светото писмо и Светото предание. Во Евангелието според Лука се запишани зборовите на Благовестието и разговорот со архангелот (Лука 1, 26-38). А Светото предание кажува дека тогаш Света Дева Марија била во градот Назарет, во куќата на Јосиф и го читала Светото писмо, и тоа точно зборовите од Книгата на пророкот Исаија, кои пророчки велат дека: „Девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог“ (Иса. 7,14; Матеј 1,23).

Само што се израдувала на пророштвото и возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот, ете, нејзе и се јавил архангелот Гавриил и и кажал дека таа е девојката што ќе Го роди Спасителот на светот.

И кога влезе ангелот при неа, рече: „Радувај се, благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!“ А таа, штом го виде, се уплаши од зборовите негови и помисли: „Каков е овој поздрав?“

И и рече ангелот: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на неговиот татко Давида; и ќе царува над домот Јаковов секогаш, и царството негово нема да има крај“. Историјата на Новиот завет ја отворил архангелот Гавриил со зборовите: „Радувај се!“ Тоа значи дека Новиот завет е време на радост за луѓето, радост заради доаѓањето на Спасителот и за добиеното спасение. Со Благовец започнало времето на спасението.

Loading...