Го знаете ли тоа „Внимавајте што посакувате, може да ви се оствари?“ Тоа е всушност многу реална изјава. Денес, јас носам последици од своите погрешни желби – во врска со човекот кого не го сакам и изгледа дека и така ќе остане.
Пред две години ќе ја раскажував истата оваа приказна и ќе бев најсреќната личност на светот, зошто тогаш го добив човекот кого долго го посакував и имавме убава љубовна приказна… Но, многу брзо го изгустирав, зошто сексот ни беше ужасен, не се даваше во врската толку колку што сакав јас, не се гледавме доволно, и уште неколку мали ситници кои се намножија.
Сепак, некако опстојувавме – едно зимување, па друго, па летување, па кратки излети, па поклони, родендени, излегувања, запознавање на родителите и друштвото…
Некако се согласувавме и таа врска полека доби облик на озбилна врска. Поминуваа недели, месеци и денес може да се „пофалам“ дека сме заедно повеќе од две години. Секако, кога престанав да бидам заљубена во него, по помалку од 6 месеци врска, посакав да му раскинам, но…
Бев сигурна дека ме сака, не така како што посакував, но најмногу што тој умее, не се каравме, имав многу слобода и време за себе, зошто работата ми беше пред се, ме носеше на убави места, имавме заедничко друштво, многу се плашев да бидам сама на 27 години. Затоа решив да останам со него, додека тој сака.
Се надевам дека ќе ме запроси и дека ќе основаме семејство. Можеби мислите дека тоа е глупо од моја страна. И јас понекогаш се запрашувам дали е тоа исправниот пат. Но, колку луѓе денес стапуваат во брак поради љубов? Покрај тоа, не гледам друг излез. Што ќе донесе раскинувањето со него?
Ќе останам повторно сама, осудена многу пропаднати состаноци, а прашање е дали ќе најдам некој што ќе сака нешто озбилно со мене. Не е така лесно да се најде дечко кога си на чекор до триесетката, како што е случај кога имав на пример 22 или 23 години. Каде воопшто за некој квалитетен?
Ретко искачам, работам само со жени, не користам социјални мрежи – се на се, ми се чини, ако го оставам дефинитивно ќе бидам осудена да останам немажена. А не сум жена која може сама низ животот.
Ако сум веќе искрена, ќе ви го кажам уште ова – да, го изневерив. Повеќе пати. Зашто ми фалеше страст, ми фали чувство дека некој ме привлекува, тоа долго време не сум го осетила. Дури имав и паралелна врска, не успеа. Сепак, од сите тие изневерувања сфатив дека ги има малку такви како него – добри, постојани, способни и верни. И поради тоа останувам со него, иако во мене нема никаква љубов кон него.
Барем не таква партнерска, секако го сакам како пријател. Од перспектива на оние кои ја знаат мојата приказна јас сум себична, неморална и безобразна. Не се согласувам, јас само се грижам за себе на начин кој најдобро знам.
Тој никогаш не осетил ниту пак се посомневал дека не го сакам – добра девојка сум, се грижам за него, му зборувам убави работи, му правам друштво, го поддржувам во се… На крајот, јас сум таа која прави жртва, а не тој, нели?