Стара приказна која раскажува зошто Свети Никола е најпочитуван кај народот

0

Свети Никола е голем празник, а како слава го има секое второ македонско семејство. Трпезата е посна, а Свети Никола се смета за заштитник на морињата.

Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите.

Во христијанскиот календар, Свети Никола се слави на 6 декември според стариот Јулијански календар т.е. на 19 декември, според новиот Грегоријански календар.

И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината.

Така на пример во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник “Новини”, кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на Св. Никола, затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога.

Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат Св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале среде море како крепи една гемија готова да потоне.

Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе, не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа.

Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како Свети Никола, треба да прават добри дела како што правел тој.

Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за Свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.

Свети Никола за животот ги подучувал луѓето, лекувал, им помагал на сиромасите. Многумина не знаат, но Свети Никола станал заштитеник на морнарите затоа што својот имот го користел за откуп на заробениците.

Постои верување дека на тој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник. Треба да се носат подароци за оние кои го слават Свети Никола. Меѓутоа и оние кои го слават празникот по некои обичаи на некои места во земјава своите гости не треба да ги пуштат со празни раце, туку мора да им дадат дарови пред да си одат дома.

Инаку, Свети Никола Чудотворец е познат и во другите припадници на верите. И покрај тоа што поминале неколку стотици години, народот не го заборавил неговиот живот исполнет со правење добри дела.

Според преданието, Свети Никола бил роден во градот Патара, Ликија (на јужниот брег од Мала Азија), како дете на богатите и угледни родители Теофан и Нина. Уште со самото негово раѓање му се припишуваат чуда. Неговата мајка, Нона, чудесно се излечила од болестите откако го родила.

На денот на неговото крштевање, без човечка помош стоел на своите нозе три часа, за што подостојно да ја прослави пресветата троица. Уште од најрана возраст, го почитувал и се придржувал на постот, во среда и петок. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо, преку ден не го напуштал храмот.

По смртта на родителите Никола им го раздал наследениот имот на сиромасите и ништо не задржал за себе. Додека бил свештеник во Патара, тој многу се прочул со делата на својата милостиња, иако ги криел грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Во тоа време имало еден богат човек во Патара, кој изгубил сè и не можел да го прехрани своето семејство. Бидејќи имал три ќерки стасани за мажење, а за нив немал приготвено мираз, му дошла погубна мисла – да почне да ги продава телата на неговите ќерки, за да спечали некој денар и да може да се прехранат.

Дознавајќи за неговата крајно погубна намера, свети Николај тајно го посетил и му фрлил кесичка со пари преку прозорецот, вардејќи да не го види случајно некој. Со тие пари, кој таткото ги нашол, ја омажил првата ќерка. Истото овој светител го стори и за другите две негови ќерки, на тој начин спасувајќи го сето семејство од духовна смрт.

Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител бил и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето, насекаде сеејќи мир и благодат. Двапати спасил по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, уште за време на животот луѓето го сметле за светител и го повикувале на помош во маки и неволји; им се јавувал во сон и на јаве на тие што го повикувале, еднакво лесно дали се блиску или далеку и им помагал. Многу пати им помагал и на давениците, затворениците и ги избавувал од неволји морепловците.

Доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, а подоцна кога пред налетот на Исламот биле прогонувани христијаните, кога многу цркви настрадале и кога биле уништувани гробовите на светителите, св. Никола му се јавил во сонот на некој свештеник од Бари (Италија) и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија. Во тоа време црквите во јужна Италија и’ припаѓале на цариградската патријаршија.

Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари (Италија) во 1087 година, поради што и овој датум (22/9 мај) се смета за празник на Св. Никола.(св. Николај – летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кои имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. коишто доживеале исцелување. Неговите мошти се сè уште мироточиви и многу луѓе и до ден денес имаат најдено спас преку нив.

За Свети Никола строго е забрането да се работи, да се шие, мие, пере, пегла, чисти, како и да се јаде мрсна храна бидејќи празникот е посен.

Претходна статијаТрикови како никогаш да не ви замрзнат стаклата, ретровизорите, бравата и вратата од автомобилот
Следна статијаУште еден пратеник од опозицијата ќе гласа за уставните измени по внесените забелешки од јавната расправа