Со години се трудев да дознаам дали си вистинскиот за мене. Константно ја анализирав нашата врска. И тоа за мене беше првиот знак дека нешто не штима, дека не си вистинскиот за мене. Безброј ноќи поминав размислувајќи кога и зошто тргна се на лошо, кога почна бродот да ни тоне. Нашите мостови ги рушев, па одново ги градев.
Се уништував себе си, па од ново се воздигнував. Повеќе од се на светот сакав да знам зошто не знаеме да функционираме. Единствено што сфатив е дека ти си мој љубовник, одличен љубовник. Но, не и мој партнер.
Постои огромна разлика помеѓу партнер и љубовник. Оние кои во еден човек ќе го пронајдат и љубовникот и партнерот се навистина благословени.
Ми беше љубовник поради тоа што со големи залаци ми ги превземаше почитта, обожувањето, страста и привлечноста. Знаеше да ми кажува слатко вулгарни шеги кои беа резервирани само за мене. Со тебе физичката привлечност доби ново значење.
Твоите раце ми влеваа топлина и сигурност на многу чуден начин, баш како и твојот заштитничи однос со мене. Со зборови ме качуваше на облаци, со погледи ме разголуваше, со насмевки ме освојуваше.
Но, кога би ти ги соблекла тие слатки и налик наивни зборови, одоздола би имало нешто за мене непознато. Ако би ти го одзела величенственото однесување не би те препознала.
Те нареков и почувствував само како љубовник оти, со тебе живеев во постојан страв. Години ми се потребни за да ги набројам сите стравови кои ги чувствував додека бев со тебе. Постојано ме плашеше помислата дека нешто ќе тргне на лошо. Дека ќе те изгубам, иако ме уверуваше во спротивното. Тој страв ме врзуваше и умотуваше околу тебе се посилно и се подлабоко ти се предавав. Се плашев да се израдувам. После секоја радост очекував разочарување.
Беше мој љубовник оти те посакував, те замислував, те идеализирав и те направив мој универзум. Требаше да бидеш независна планета, планета која ротира околу мене. И со тоа што те претворив во цела галаксија јас станав само угасена ѕвезда во твојот космос. Знаеше да ме направиш и среќна и тажна.
Толку многу успеа да ми ги измешаш емоциите и чувствата што не знаев да разграничам слатко од горчливо. Гледавме еден во друг но, во различен правец. Патот ни се разидуваше и баш тоа е причината која те правеше љубовник.
За нашата приказна може да се напише книга, да се сними филм за горчливо – слатка љубов. Но, да не се опфати делот дека еден љубовник е најубаво и да е партнер во исто време. Оти, ќе пропадне. Ќе се засени љубовта.
Во животов имав доволно љубовници, доста ми се. Сега сум спремна за нова приказна, за партнер, за партнер кој ти не можеше да бидеш.