Билјана Бришковска го отфрла исказот на Нинџа како невистинит

0

Билјана Бришковска- Бошковска демантира дека била дел од штабот на ВМРО-ДПМНЕ од кој се планирал упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Во изјава за Дојче Веле Бришковска објаснува:

„Во врска со наводите пренесени во медиумите од сведочењето на обвинетото лице Александар Василевски (Нинџа, н.з.), можам само да изјавам дека сум запрепастена од невистинитоста на исказот на сведокот кој се однесува на мене и целосно го отфрлам како неточен“, вели Бришковска во кусата изјава за ДВ.

Василевски е меѓу 33 лица обвинети за упадот во Собранието минатата година. Тој на денешното рочиште во судот изнесе серија тешки обвинувања на сметка на поранешни и актуелни државни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу нив и Бришковска.

Василевски тврди дека во периодот од 18:15 до 19:15 часот вечерта, кога се одвивал нападот во Собранието, тој бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде на 8-от кат со целата акција управувал партиски тим. Меѓу луѓето кои ги наведува Василевски се Билјана Бришковска-Бошковска, Спиро Ристовски, Митко Чавков, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Василевски тврди дека од таму била раководена целата операција за упадот во Собранието и биле издавани наредби како кон лидерите на протестите, така и кон припадници на МВР и Армијата, кои наводно биле во и околу Собранието.

Според обвинетиот Василевски, Бришковска директно му давала наредби на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, пратениците да ги отворат вратите на Собранието. Неговиот адвокат Звонко Давидовиќ по рочиштето изјави дека исказот на Василевски е доказ оти „командувањето од МВР се префрлило на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ“. Давидовиќ тврди дека истата изјава неговиот клиент ја дал и пред Јавното обвинителство во јуни годинава.

Извор: ДВ

Претходна статијаГолем скандал во Хрватска, Лука Модриќ е во врска со новинарка (ФОТО)
Следна статијаУбава и богата Германка по потекло од Хрватска бара маж за врска