Си ја раскинав врската бидејќи верував на роднини, а потоа се покајав – прости ми Ивана

0

Се родив во еден од помалите градови, а кога завршив средно се преселивме во Скопје. Брат ми е постар од мене и пред неколку години отиде во Германија на печалба, ама таму се ожени и остана. Бев последна година на студии кога татко ми се разболе од рак на бели дробови.

Човекот си пушеше и пиеше и на крај си го плати цехот. Докторот само што ги виде рентген снимките рече дека максимум уште три месеци има живот. А тој кутриот за еден месец си умре откако ги дознавме резултатите.

Во тоа време имав девојка, Ивана. Многу ја сакав. Бевме заедно речиси три години. Беше покрај мене и во добро и во лошо. А кога умираше татко ми најмногу ми се најде. Јас бев тогаш многу млад, па тоа многу болно го преживеав. Мајка ми отсекогаш беше кревка жена, па ова ја дотолчи. Иако татко ми беше проблематичен човек, сепак тие двајцата многу се сакаа. Мајка ми по неговата смрт се зави во црно и се повлече во себе, брат ми дојде од Германија за погребот и си замина, останав јас со Ивана.

Таа ме тешеше и секој ден доаѓаше кај нас дома. Ги сакаше мајка ми и татко ми како да се нејзини родители, па затоа многу ни помагаше и околу негата за татко ми, после околу обврските за погребот, беше повеќе од месарија, а после тоа, ја замени мајка ми во домаќинските работи.

Во тоа време, после смртта на татко ми, многу често не’ посетуваше чичко ми. Се грижеше за мене, за мајка ми, дали сме биле добро, дали нешто ни треба, и тогаш во тоа време сите мислевме дека има најдобри намери.

Еден ден ме викна на муабет во едно локално кафанче да сме зборувале за нешто важно. Ми кажа дека многу бил загрижен за мене, за мојата иднина, за факултетот да не го баталувам за малку… Одеднаш ме погледна сериозно и ми раскажа како случајно дознал дека Ивана имала некоја болест на бубрезите, дека тоа го криела од мене и дека најверојатно не може да има деца. Толку многу ме затру што едвај чекав да и раскинам!

Се вратив дома нервозно и посакав да и се јавам и да ја викнам. Ама чичко ми ме заколна да не го мешам, па не знаев што да и кажам. Одлучив да и раскинам преку смс. Сега се срамам од мојата постапка, ама тогаш бев млад и зелен па не знаев што правам.

Ја пратив пораката и разјарен рис чекав. Очекував да ми ѕвони, да ме моли, да плаче. Но не, Ивана пропадна во земја. Одеднаш исчезна. Минуваа денови а неа ја немаше. Дури почнав да се грижав да не се случило нешто, ама бев премногу горд за да се јавам и да ја побарам.

Минуваа месеци, години… Ивана исчезна. Повеќе не ја слушнав ниту ја видов. Се надевав дека ќе ја сретнам некаде, се врткав намерно низ нејзината населба, но само сестра и’ неколку пати ја видов, а таа ми ја вртеше главата.

Денес сум женет и имам две ќерки. Моментно сум скаран со жена ми, сака да се разведеме. Со чичко ми сум скаран одамна. Излезе дека е многу алчен, сакаше што повеќе имот да зграби со оставинската постапка. Многу не измачи со мајка ми, ни ги исцеде парите по адвокати.

Прочитав на Галама неколку животни приказни. Посакав и јас да си ја олеснам душата на вашиот портал, и за тоа сум ви многу благодарен. Оние што ја прочитаа дотука мојата исповед, ги молам да прочитаат понатаму, бидејќи барам совет. Се наоѓам на раскрсница и не знам кој пат да го фатам.

Што се случи со Ивана? Дознав пред еден месец. Честопати ја сонував и повремено мислев на неа. Имав грижа на совест. Додека седев пред компјутер на Гугл го искуцав нејзиното име. Се појавија неколку фејсбук профили. Почнав да влегувам од еден во друг. И тогаш ја видов. Истата, со плус некоја брчка. Од фотографиите видов дека има два сина. На една фотографија ја видов гушната со постар маж и децата со нив. Претпоставив дека е мажена. Живееше во Германија.

Цел ден мислев на неа. И цела ноќ. Не можев да заспијам. Следниот ден пак и ги гледав фотографиите и нешто ме понесе, стиснав лајк. Побарав пријателство. Немаше одговор, цели пет минути!!! Не можев да издржам, срцето ќе ми препукнеше. Го отворив месинџерот и почнав да и’ пишувам. Ја поздравував, ја гушкав од среќа што ја гледам, се “радував” за нејзината среќа, и честитав, бев срдечен колку што можев, а всушност солзи ми капеа и срцето ми крвареше. Веднаш ми одговори.

Оттогаш почнавме секој ден да се допишуваме. По неколку дена ми раскажа што и’ се случило откако ја прочитала пораката во која и раскинував. Била неутешно разочарана и депримирана. Се затворила дома, не излегувала, постојано плачела. Била неправедно наклеветена. Тоа со бубрезите било некое обично воспаление од каменче, а за другите работи излезе дека чичко ми ме лажел.

Снаа ми за брат всушност ја спасила. Ја повикала да дојде во Германија, имало работа за неа. Знаел и брат ми, ама сите криеле од мене. Таму веднаш се омажила за првата прилика, само за да ме заборави. Но не ме заборавила, ниту јас неа. Се’ уште ме пече срцето за неа, се’ уште ја сакам. Повторно се разгоре љубовниот оган меѓу нас и почнавме секојдневно да си возвраќаме страсни пораки и воздишки.

Жена ми ме забележала, веројатно сум се променил, и првата прилика ми го исчепкала фејсбукот и ми ги прочитала пораките. Сега со децата е кај мајка и, ми се заканува со развод. Реално, физички не сум ја изневерил, само во срцето. Ама знам дека и тоа се рачуна. Што да правам.

Ме советуваат да одам и да ја молам за прошка, а Ивана да ја избришам и да ја блокнам. Мене некако не ми се цимоли лажно, срцето ми вели да купам карта и да летнам за Германија. Но така ризикувам да ги изгубам децата. Не знам кој пат да го фатам, каде усвет да заминам…

Обработи: С.П.

Овој текст е авторски и не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

Претходна статијаЈанчев: Има потенцијали за смена на Мицкоски, но никој тоа не би му го направил позади грб
Следна статијаИзневерената сопруга со писмо до љубовницата: Ако го гледаш маж ми како последен воз, симни се на првата станица